Јастог и леб со големи дупки: храна која носи малер ако се јаде на Нова година

Насловот можеше да биде и „оваа храна никако не смеете да ја јадете на новогодишната ноќ“, ама па така ќе ризикувавме да се најдеме во сопствената рубрика „Стигнавме на дното“. Затоа малку ќе го промениме аголот - ова се верувања за тоа која храна носи малер ако се јаде на крајот на годината и почетокот на новата во различни култури. 

Веројатно повеќе од кој и да било момент во текот на годишниот циклус, оној кога старото завршува а почнува новото носи посебен набој на енергија, создадена од малку страв и многу очекувања. Бидејќи на Нова година се јаде повеќе од вообичаено, логично е дел од верувањата да се поврзани со неа. Од кокошка до јастог, ова се некои од видовите храна кои се сметаат за малерозни ако се јадат баш на Нова година. И некои од објаснувањата (асоцијациите) изгледаат логично. 

На пример, на трпезата не би требало да има сом, поради тоа што оваа риба живее главно на дното на слатките води. А асоцијацијата на дно речиси никогаш не е убава, ни во физичка, ни во метафорична смисла - муљ и темница.

Тоа лебот да има големи меури не е добар знак ни при обично печење. Но ова е особено вознемирувачко ако се случи на Нова година. Ваквиот леб наводно носи лоша среќа затоа што „џебовите“ асоцираат на празнина, односно нечија смрт или загуба во следната година. Бидејќи пред да се пресече лебот не се знае дали спаѓа во ваквите, советот е да се прескокне јадењето леб воопшто барем до 2 јануари (ене ги кифлите).

Раковите и јастозите исто така се сметаат за малерозни - ова е затоа што тие можат да одат нананазад, па нивното консумирање би значело дека во следната година нештата не би напредувале. Што се однесува до кокошките пак и советот за нивно неконсумирање, тоа е поради тоа што доброто би можело да „одлета“ (претпоставката е дека ова важи и за други птици). 

Кинезите, додуша за нивната Нова година, одбегнуваат тофу и генерално храна со бела боја, затоа што таа во кинеската култура асоцира на смрт. Истото важи и за прекршени нудли (непрекршните носат среќа). Асоцијацијата е во тоа што оние „скратените“ значат скратен живот. Обратно (или можеби за инает на Кинезите), Јапонците баш на Нова година сакаат да јадат прекршени соба нудли, бидејќи тие симболизираат „раскинување“ со претходната година. 

27 декември 2024 - 11:17