Јабучар место Линекс: кога доматот бил лек

Шопската денес е мезе, јабучарот верен придружник на секоја летна софра. За нив не размислуваме како за суплементи или не дај боже лекови. Но кога прв пат се појавиле, доматите се ценеле пред сè поради нивните здравствени придобивки.

Во книгата „Доматот во Америка: рана историја, култура и готвење“ историчарот Ендрју Ф. Смит го трасира развојот на одгледувањето и јадењето патлиџани во САД од раниот 18 век. Најпрвин тие биле одгледувани како украсен плод, а до 1820-тите Американците верувале дека се отровни или барем невкусни.

Оние кои почнале да го промовираат доматот за јадење биле доктори, голем број од нив обучени во Европа, каде тие веќе се ценеле како дел од исхраната. Најагилен промотор бил доктор Џон Кук Бенет, лажен доктор кој издавал исти такви лажни медицински дипломи. Тој тврдел дека овошката може да лечи дијареа, да го регулира варењето и да ги заштитува патниците на запад или југ „од опасните напади на лошење на кои се подложни сите неаклиматизирани лица“. Ги поттикнувал луѓето да јадат живи домати и нудел рецепти за сос од домати, пржени домати, домати во есенција и други нешта кои денес ги земаме здраво за готово.

Тој тврдел дека преку „детално истражување“ на древни текстови може да се докаже дека доматот е домородно растение во сите делови од светот - нешто што подоцна ќе се побие. Бил остро против потпирањето на расадот со стапови, како што тоа го правеле некои земјоделци, инсистирајќи дека ни природата ни Бог не предвиделе такво нешто, туку дека доматот треба да биде оставен да расте на земја. 

(реклама за апчиња со домати, 1838)

Едно време Бенет им се придружил на мормоните од Илионис, но нивната црква наскоро го екскомуницирала. Сепак, мормоните почнале да го шират неговиот ентузијазам за доматот, па тој почнал да се појавува во готвачи и списанија за градинарство. 

Во меѓувреме докторите почнале да експериментираат со лекарства направени од концентриран домат. Тие биле промовирани како замена за „каломел“ - живин хлорид, кој вообичаено бил користен како пургатив односно прочистувач на стомакот. 

Не сите се согласувале со ова, па имало доктори кои тврделе дека станува збор само за начин да се извлече уште повеќе корист од наивните. Други продолжиле да тврдат дека доматите се отровни, и дека предизвикуваат сè и сешто од губење на забите преку аритмија до рак. Но до средината на 19 век голем број Американци веќе редовно го вклучувале доматот во исхраната, а списанието Американски земјоделец пишувало: „Ниту еден љубител на вкусен домат не треба да се плаши, туку да си јаде колку што сака, без да мисли на својот џигер или на својот доктор“.

извор

14 јули 2022 - 07:48