Неколку стотина бугарски граѓани на 7.11. направија тензии пред и во Народниот театар „Иван Вазов“ во Софија, незадоволни од поставувањето на текстот на Џорџ Бернард Шо, „Оружјето и човекот“ од 1894, во режија на Џон Малкович. На видеата се гледа начекувањето на некои од актерите, вербална размена а богами и кошкање со директорот на театарот, фрлањето јајца и камења по публиката која се обидува да влезе со билет в рака и нереагирањето на полицијата. Доминантен во кадрите беше поранешниот член на Европскиот парламент, Ангел Џамбаски и други добро познати десничарски ликови од бугарската политика.
За што се лутат овие луѓе?
Прашани за причината на нивниот гнев оние пред камера, како да следат драмски текст, повторуваа едни те исти реплики - Бугарите во претставата биле претставени на навредлив начин, кој ја дразни националната гордост и се доживува како провокација. За да ги провериме нивните тврдења, јa oтпечативме таа една од неговите 60 драми, за кои ја доби и Нобеловата, и се фативме за работа.
Најпрвин, како што нè учеа во школо - кратка содржина. Драмата е географски лоцирана во Бугарија, а хронолошки во текот на кратката бугарско-српска војна од 1880-тите, значи најмалку една деценија пред да биде напишана драмата, но сепак тогаш „тазе“ настан. По големата победа на Бугарите кај Сливница, младата Рајна Петкова и нејзината мајка Катерина со нетрпение го очекуваат враќањето од фронтот на убавиот Сергиус, за кого Рајна е ветена. Иако ги погазил сите правила на војувањето, како и наредбите на своите надредени офицери-Руси, тој успева да се врати дома како херој.
Лука, слугинката на Петкови, предупредува дека низ градот се слушаат пукотници и дека треба да се биде внимателен. Но ролетните на Рајна не се затвораат, па наскоро низ терасата во собата влегува војник облечен во српска униформа, кој е всушност платеник-Швајцарец. Студен и крајно професионален, тој сепак се плаши за својот живот, што не е ни чудно кога ќе се земе предвид дека наместо муниција по џебовите носи - чоколади. Иако тој му се потсмева на „подвигот“ на Бугарите (што значи и на саканиот, но и на таткото на Рајна - мајор Петков), таа е сепак благо заведена од него и му помага да избега.
Како во типична романтична комедија, драмата продолжува со средба на сите ликови на едно место. Капетан Блунтчли, како што се вика Швајцарецот, се враќа за наводно да ѝ го врати капутот на Рајна, кој всушност му припаѓа на таткото. Она што тој не го знае е дека во капутот има фотографија која таа скришно му ја ставила, со посвета. Во меѓувреме станува јасно и дека нејзиниот „вереник“, Сергиус, не ѝ е баш нешто верен, бидејќи ѝ се пушта на помошничката Лука, која пак веќе има партнер, слугата од истото домаќинство, Никола. Нештата многу симпатично се разрешуваат, за на крајот сите да живеат среќно и весело.
Она што на незаслепените од национализам би требало веднаш да им е јасно, е дека драмата е толку универзална, што е тотално небитно за која војна и за кој историски период станува збор. Истата можела да биде за кои било конфронтирани страни, при што едната од аспект на цивилизираните „други“ е секогаш варварската, валканата и заостанатата, што го оправдува и нејзиното уништување. Во случајов Шо си поигрува токму со овие стереотипи на развиениот Запад и ориентализираниот Исток, нудејќи можност за помирување и деконструкција на постоечките митови (што, Швајцарците само јадат чоколади и гледаат да заработат врз маката на другите, изигрувајќи неутралност?). Неговата драма е всушност длабоко антивоена, но се обидува да ги раскринка и романтичните идеали - да, во пакет со националните чувства, кои доколку се преромантизираат можат да станат реално опасни.
Тоа дека на Ирецот Шо баш му било гајле за тоа дали драмата ќе биде за Бугари, Швеѓани или Монголци покажува и негово интервју објавено по премиерата на претставата, одржана на 21 април 1894 во Лондон (цитирано во текст на Марија Тодорова, „Балканот: од откритие до измислување“ - Slavic Review, 2013). Во него, како и во подоцнежни написи, тој објаснува дека драмата била речиси финализирана пред да се одлучи за локацијата:
„Сакав војна како позадина на дејството. Бидејќи немам поим од географија и историја, прашав помеѓу пријателите дали знаат за некоја тазе војна. Сидни Веб ми кажа за оваа, српско-бугарската. Ги пронајдов земјите на атлас, ги стокмив ликовите така за да одговараат на времето и на земјите и така драмата беше завршена“.
Кој е спомнатиот Сидни Веб кој и тогаш, во далечната 1894 бил виновен што Шо бил нападнат од бугарските националисти поради начинот на кој ги прикажал нивните сограѓани, и кој ете, 130 години подоцна, е повторно крив за истото (иако никој не му го ни спомнува името бидејќи, нели, не го ни знае)? Британски социјалист, барон, политичар, ко-основач на славната London School of Economics, тој бил, заедно со Шо, ран член на здружението Фабијан, кое во тоа време ги собирало англиските интелектуалци. „Дамка“ на неговата биографија оставило тоа што, заедно со сопругата, и покрај доказите за злосторствата на Сталин со кои биле соочени, никогаш не се откажале од поддршка на неговата политика и на Советскиот Сојуз.
Најспорната реплика поради која и тогаш а и сега се крева толкава џева е веројатно оваа:
Петков (стариот мајор): Не верувам во претерување со овие модерни обичаи. Сето тоа миење не може да биде добро за здравјето - не е природно. Имаше еден Англичанец кај Филипополис кој се мокреше по цело тело со студена вода секое утро кога ќе станеше. Ужасно! Ова е до Англичаните: нивната клима ги прави толку валкани што мора постојано да се мијат. Види го татко ми! Тој се немаше избањато цел живот - а живееше 98, најздравиот човек во Бугарија. Не ми пречи да се бањам еднаш неделно, колку да си ја одржам позицијата: но еднаш дневно е навистина блесав екстрем.
Значи, Бугарите во текстот се прикажани како небањати, па и кој може па и да им замери на реакцијата? Кој сака да биде „немиен“, па макар и живеел здраво и до сто и една? Она што тие сепак не можат да го видат, веројатно од наталожената скрама од валканици на очите, се доблестите кои Шо им ги припишува истовремено со сатиричниот тон. Жените во текстот, на пример, особено ликот на слугинката, ги надминуваат современите феминистки во ставот и начинот на кој го движат дејството, врз кое мажите - да, тие воинствените и моќните - имаат само маргинално влијание. И уште нешто. Да беа авторот и режисерот Бугари, сето ова може ќе поминеше со хехе-нца и внатрешни препукувања, но не и со физички пресметки. „Интимното знаење“ за нашите маани се толерира како хумор, сè додека не излезе од тесните рамки на нашиот ментален атар. Кога странец ќе го каже истото, не е исто. А странци има многу, и опасни се, дури и со чоколатца во џебовите.
Илина, Букбокс