Кaтерина - Кете Паулус се родила во декември 1868 во Целхаузен, мал град близу Франкфурт на Мајна, во работничко семејство. Татко ѝ умрел рано, па таа почнала да ѝ помага на мајка си во шивачкиот занает.
Кога наполнила 20 години животот ја однел во сосема друга насока. Во 1889 била дел од големата и ентузијастична публика која го следела настапот на Херман Латерман, пилот на балон и изумител, кој експериментирал со ран прототип на падобран. Во тоа време (крајот на 19 век), неколку години пред првиот лет со авион, научните демонстрации на ваквите постигнувања биле помешани со водвиљска забава и го привлекувале вниманието на широката публика.
Тешко е да се каже што ја привлекло Кете прво, дали пилотот или неговото летало. Но таа набргу му станала асистентка и своите шивачки вештини ги употребувала за да ги поправа балоните и другата опрема. Две години подоцна тие веќе биле брачни партнери и добиле син. Инсистирала да почне да настапува и самата, а за првиот пат подоцна раскажувала дека си ја удрила главата од кошницата на балонот и се раскрвавила. Започнала успешна турнеја низ Германија, но еден настан го прекинал нејзиниот подем. При заеднички лет и спуштање со падобран, оној на нејзинот сопруг не се отворил. Скршена од очај, таа со месеци не излегувала од дома и била решена да престане да се занимава со оваа работа.
Она што ја предомислило биле стотиците писма кои пристигнувале од цела Германија, од фанови кои ја поттикнувале да продолжи. Така, таа купила 4 нови балони, и со прекар кој звучел американски, Мис Поли, настапувала низ европските главни градови. Една од нејзините најпознати и ризични точки било возење на точак во воздух, врзан со жици за балонот, така за да изгледа дека таа всушност врти педали на небото.
Почетокот на Првата светска војна означил крај на нејзините меѓународни настапи. Таа ги донирала своите балони на војската, но станала и нејзин неофицијален советник. Тогаш го развила и тн. „падобрански пакет“ со тоа што го здиплила во торба, создавајќи го првиот модерен падобран. Ова за неа станало лукративен бизнис, но за жал акциите во кои вложувала по војната доживеале невиден пад и богатството ѝ го изела инфлацијата. Во 1917 добила орден за заслуги, а до неа до крајот на животот стигнувале писма на благодарност на војници на кои нејзиниот падобран им го спасил животот. На нејзиниот погреб во 1935 погреб немало многу луѓе, но сепак помеѓу нив имало две пилотки на кои таа им била инспирација. Денес по неа е наречена улица близу аеродромот во Франкфурт.