Изумирање на една професија: професионален „вртач“ на ноти

Дали технологијата ќе ги замеша своите долги (клавирски) прсти и кога станува збор за оние тивки придружници на музичарите, кои се на сцената само за да ја свртат страницата кога е тоа потребно? Нам би ни било жал - баш уживаме гледајќи ги како во грч го чекаат својот ред и со тоа додаваат драматичност на секоја изведба.

„Вртачите" на страници кои вообичаено седат лево од изведувачот на пијано ретко се во фокусот на вниманието - всушност нивната задача е да бидат колку што е можно понезабележителни и потивки. Доколку привлечат внимание, тогаш тоа значи дека нешто тргнало наопаку. Така, еден од водечките британски пијанисти Сем Хејвуд, се сеќава како додека изведувал некое дело забележал дека жената којашто седела до него и му ги вртела страниците одеднаш дошла преблиску до работ од сцената и „едноставно исчезнала". За среќа не била повредена, но концертот морал да биде на кратко прекинат. Негов колега пак тотално се заплеткал во ланчето на неговата „вртачка", кога таа потстанала да му ја сврти страницата - за да не пропушти нота тој едноставно ја повлекол со себе за да ја исвири. 

Концертните пијанисти всушност ретко читаат музика за време на големи соло настапи. Но трета рака се уште е витална за голем број изведби на камерна и нова музика, и тоа не само за пијанисти (сетете се на драматичните сцени со вртењето на нотните записи во Виплеш). Вртењето на страниците е повеќе вештина отколку уметност, и таа се нема менувано со векови.

Но сега човечкото присуство може да стане непотребно, бидејќи технологијата и тука ги замешува своите долги прсти. Апликација за ајпад, којашто ја користи и спомнатиот Хејвуд, му овозможува на пијанистот со допир на блутут педала тој самиот да ги врти страниците, тивко и бежично. Веќе се развиени неколку слични програми, меѓу кои и такви кои автоматски вртат нов лист според однапред внесени параметри.

Што ќе значи ова за човечките „вртачи"? Едноставно, тие наскоро нема да бидат потребни, а особено доколку дојде до тоа нотните записи да можат да бидат проектирани пред очите на изведувачот, со помош на нешто како Google Glass апарат. Засега пијанистите како Хејвуд сепак најчесто користат луѓе како асистенти, и тоа од повеќе причини: затоа што таблетите ретко се толку големи колку нотните записи, заради тоа што додека свириш треба да внимаваш да ти биде исклучен интернетот и сите други апликации, како и да ти биде полна батеријата. Плус за младите музичари ова е одлична можност активно да учествуваат во изведувачкиот процес и на тој начин и самите да учат.

Освен тоа, кога не би имало луѓе на местото на вртачите, ова не би изгледало толку смешно - девојката се заборави, па непотребно се вмеша создавајќи уште поголема забуна

 

20 февруари 2015 - 14:05