Спорт-уметност-политика

Изложба на дела од советските Спартакијади

Во чест на отварањето на Олимпијадата во Сочи, Олимпијскиот музеј во Лозана организира изложба „Руската авангарда и спортот". Таа покажува дека Русите одамна ја сфатиле поврзаноста меѓу масовните спортски настани и политиката.

Градењето на новиот Советски Сојуз по руската револуција меѓу другото вклучувало промоција на хигиената, здравјето и добрата физичка кондиција на рускиот работник. Со работна недела од 37 часа нему му биле овозможени услови да се посвети на грижата за негување на здрав дух во здраво тело. Не бил за потценување и моментот на колективна игра, која требало да го засили чувството на заедништво.

Пред револуцијата спортот во Русија бил главно аристократска занимација и Советите немале изградено спортска култура, ниту пак соодветна инфраструктура. Но тоа наскоро се променило, со организирање на првите „работнички спортски игри" наречени Спартакијади. Името доаѓало од Спартак, робот-бунтовник, кој како класно освестена фигура требало да претставува контраст со претходната буржујска природа на олимписките игри, врз чија идеологија според СССР биле формирани и новите, западни Олимпијади. 

За прв пат одржана во 1928 во Москва, Спартакијадата овозможувала масовно претставување на достигнувањата на физичката култура, мешавина на парада, уметничка гимнастика, спорт, музика и танц. Она што е интересно е дека тука немало натпревар - кој можел да биде поединечен шампион, кога сите биле еднакви? Во 1920-тите дури имало и дискусии дали треба да се забрани фудбалот кој подразбирал дека некој мора да победи, но на крај излегло дека тој е препопуларен за таква мерка. Кон средината на 20-тите заради бојкот од Запад Советскиот сојуз не смеел да учествува на глобални натпревари, па Спартакијадите до 1952, кога СССР сепак му се придружила на Олимпиското движење, останале единствена меѓународна спортска манифестација. Имено, освен локални и регионални Спартакијади во рамки на Советскиот сојуз имало и меѓународни, во кои учествувале и други земји од „источниот блок", и тоа организирани во Берлин, Осло и Антверп.

За да се прошири пораката за потребата од физичка активност, биле ангажирани и уметници. Тоа било добра комбинација, бидејќи кубизмот и футуризмот, како и рускиот конструктивизам и супрематизам, како авангардни движења, одговарале за промоција на новиот руски човек. Уметници како Александар Родченко, жена му Варвара Степанова, Казимир Маљевич и Ел Лисицки, биле ентузијастични пропагатори на оваа идеја, која ја вклучувала и новата руска жена, која имала рамноправно место во рускиот спорт.

Додека Родченко главно се занимавал со црно-бели фотографии и фотомонтажи, Степанова дизајнирала серии модерни спортски дресови за мажи и жени - маици и кратки пантолани во живи бои и геометриски шари кои кога спортистите биле во движење го заматувале умот. Сите овие дела сега, па до мај оваа година, ќе бидат изложени во Олимпискиот музеј во Лозана, како илустрација на можната креативна поврзаност на уметноста, идеологијата и спортот

8 февруари 2014 - 10:56