Како почнуваме да веруваме во некоја политичка идеологија, зошто гласаме за одредена партија, како доаѓаме во ситуација да припаѓаме на одредена политичка група? И - ако дојде до тоа - како се случува некои луѓе да го сменат мислењето, и да преминат во дијаметрално спротивниот табор? Ова се прашањата кои ги поставува авторот, а чии одговори не се секогаш така едноставни како што изгледаат на прв поглед.
Даниел Опенхајмер во книгата следи кариери на шест интелектуалци на дваесетиот век, меѓу кои поранешниот претседател на САД Роналд Реган, „конзервативниот провокатор“ Дејвид Хоровиц, автор на куп книги меѓу кои такви насочени против Чомски и Сорос а про таканаречениот „прогресивен расизам“, и Кристофер Хиченс, кој иако самиот никогаш не прифати дека скршнал кон десно, за многумина, па и за авторот на оваа книга, од социјалист станал нео-конзервативец, особено заради ставовите околу инвазијата на Ирак и генералните симпатии кон моќта на империјализмот.
Раскажувајќи ги приказните на овие шест луѓе Опенхајмер се обидува да покаже дека во нив всушност лежи и најголемиот парадокс на американската 20-вековна политика, тоа што модерниот конзервативизам е всушност идеолошка рожба на поранешни комунисти. Тие, разочарани од злосторствата на Советската револуција или од неуспехот на социјализмот навистина да биде праведниот и хуман поредок за кого се залагале, едноставно се предомислиле и ја промениле страната. Базирано врз мемоари, биографии, есеи и интервјуа, како и вести од времето кога овие луѓе биле активни, Опенхајмер покажува дека „политичкиот идентитет е секогаш преговарање, помеѓу она што тој го бара, и она што ние сме“.
„Излез десно“ е посветена токму на тие моменти (или периоди) на политичка метаморфоза: „Во текот на периодите на политичка транзиција коските на нечиј систем на верувања се кршат и пробиваат низ кожата, и тогаш и се покажува и нивната сложеност“.
Лесно е да мислиме дека нашите политички убедувања произлегуваат од некакво длабоко промислување на принципи, и внимателно премерување на алтернативните системи на верување. Но тие се можеби просто резултат на тврдоглав инает кон нашите родители, пасивно имитирање на убедувања на околината или на практични мотиви. Има и посложени причини, како на пример приказната на споменатиот Хоровиц, кој како главен мотив за своето преобраќање наведува убиство од 1974 на неговата книговодителка, која тој ја поврзал со партијата на Црните пантери, револуционерна црна левичарска организација активна од 1966-1982. Книговодителката наводно се заканила дека ќе ги открие нелегалните зделки на партијата и големите даночни затајувања, по што нејзиното безживотно тело е пронајдено во заливот Сан Франциско. Иако сите факти посочувале дека сторителот се Пантерите, никој никогаш не спровел коректна истрага, ниту пак некој бил казнет.
Кај други ликови од книгата ваквото свртување кон десно не е резултат на некаква катарза или просветлување, туку нешто што се акумулирало ден по ден, деценија по деценија, каков што е случајот со Реган. Опенхајмер, иако самиот левичар, сепак не зборува со гнев кон овие „преобратени“ интелектуални фигури, туку нив се обидува да ги разбере, како луѓе кои минале низ процес на трансформација, без оглед дали за добро или за лошо.
Поврзано (и спротивно): Кога левото почнува да звучи како десно
Претходно: Најинтересни книги во 2016 бр. 3