Истражувањето се однесува на диверзитетот и на расата во издаваштвото, и тоа на индустријата во целина, на ниво на директори, уредници, продажба, маркетинг и оние кои пишуваат осврти за книгите пред нивното објавување (најчесто надворешни соработници). Анкетните прашања им биле испратени на 1,524 вакви критичари и на 11,713 вработени во издаваштвото (во големите издавачки куќи и кај оние независните), од кои на нив одговориле нешто повеќе од 25%.
Целосните резултати можете да ги видите на дијаграмот (со клик за зум), но еве некои од најзначаните поенти:
- Нешто под 80 проценти од издавачите и критичарите се од белата раса. Од останатите раси преовладуваат азијатите (7%) а најмалку застапени се оние со блискоисточно потекло (0,8%).
- 78% од испитаниците се жени. Сепак, од оние на директорски и извршни позиции 40% се мажи. Останатите родови категории (транс, квир, родово неутрални и сл.) се помалку од 1%.
- 88,2% од луѓето во издаваштвото кои учествувале во анкетата се хетеросексуалци.
- Само 7,6% од издавачите рекле дека имаат некаква попреченост, иако не навеле точно каква. Најмногу по сектори лица со попреченост има во оној за дизајн, 18%. Многу се мали бројките за ангажирање лица со попреченост како надворешни соработници.
Категорија која недостасува е онаа за социо-економскиот статус и за образованието. Во врска со второво, неодамна еден од најголемите британски издавачи Пингвин го отстрани условот неговите идни вработени да мораат да имаат универзитетска диплома. Причината е што се покажало дека нема корелација помеѓу тоа да имаш (некаква) диплома и твојата способност да ја извршуваш квалитетно зададената работа.
„Сега откако е направена анкетата доаѓа најважното - реалната работа за менување на статус-квото", се вели во заклучокот. Целта не е промената самата по себе, туку надежта е дека на тој начин, преку присутност на пошаренолики профили во издаваштвото, ќе се добие и иста таква издавачка програма, која нема да биде толку „бела" и „стрејт".