Во книга на историчарката Силвија Никерсон од 2019, „Преобмислувањето на историјата, науката и религијата“, едно поглавје му е посветено на човекот кој во 1859 година ја издал и ја продавал револуционерната книга на Дарвин, „Потеклото на видовите“. Се викал Џон Мареј Трети, а книжарството му било семејно наследство. Неговиот дедо ја основал компанијата, а во времето додека со неа управувал татко му, таа станала една од навлијателните издавачки куќи во Британија, издавајќи дела на Џејн Остин, сер Валтер Скот и Лорд Бајрон.
Кога дошло ред на Џон Мареј Трети, тој го продолжил семејниот бизнис со ентузијазам, но бил поконзервативен од своите предци. Издавачите како него во тоа време не биле само книжари, туку вршеле уште една значајна општествена функција - биле „чувари на моралот“, кои одлучувале кои идеи се соодветни за јавна потрошувачка. Тие контролирале кој можел да го „лула чамецот“ и колку силно.
И покрај своите ставови, Мареј го почитувал Дарвин и ретко се конфронтирал со него директно. Но она што е необично е тоа дека истовремено додека неговата издавачка куќа работела на издавање на „Потеклото на видовите“ и други книги на Дарвин, самиот тој нарачувал негативни критики, и анонимно објавувал свои анти-еволуциски трактати. По некое време веќе и не можел да се воздржи - откако го прочитал ракописот за „Настанокот на човекот и селекцијата поврзана со секс“, книга која подиректно се занимавала со човечката еволуција во споредба со „Потеклото на видовите“, тој самиот го предупредил Дарвин дека книгата ќе предизвика „кревање на веѓите“ кај читателите, и дека деловите каде се дискутира размножувањето на животните треба малку да се „ублажи“.
Мареј бил самиот аматер-геолог со диплома од Универзитетот во Единбург, а татко му ја имал издадено „Принципи на геологијата“ од Чарлс Лиел, која во голема мерка влијаела врз Дарвин. Но кога дошло ред на „Потеклото“, англикански свештеник по име Вајтвел Елвин, кој работел како уредник кај Мареј, изјавил дека е револтиран од идеите во книгата, дека таа се базира на „недостаток на докази“ и препорачал Мареј да ја одбие.
Но за издавачот било многу поважно тоа што Дарвин знаел да пишува, и што неговите дела се читани. Кога во 1839 биле отпечатени неговите патеписи од патувањето со бродот Бигл, Мареј го објавил второто издание кое се продало во скоро 6000 примероци. Оттаму, неговиот бизнис инстинкт превагнал - ја отпечатил и „Потеклото на видовите“, која се продала за многу кратко време, во тираж над 1000 примероци.
Сепак, за совеста да му биде чиста, тој истовремено нарачал критика од најострите критичари на Дарвин, Семјуел Вилберфорс, бискупот на Оксфорд, а објавил и сопствена рецензија, во својата книга „Скептицизмот во геологијата“, каде напишал: „Светот кој го населуваме, кој е толку прекрасен, не може да биде ’недовршено’ дело на својот Создавач...тој не може да се подобрува преку секојдневна материјална промена“.
Уште едно од (логичните) толкувања на ваквиот топло-студен однос на Мареј кон Дарвин е и фактот што Дарвин бил универзитетски образован, припадник на високата класа, со куќа на село и големо наследство од татка си. Накратко, токму таков човек чии дела Мареј сакал да објавува. Во случајов она што морало да се истрпи (тврдењата за еволуцијата), сепак било помало зло од караници со еден џентлмен.