Во средината на ноември, централниот плоштад на градот Мирано во Италија се трансформира во огромна друштвена игра која датира од 16-тиот век. Посетители од целиот регион Венето пристигнуваат тука за да навиваат за тимови составени главно од млади луѓе кои се натпреваруваат во бизарни предизвици. Сите се облечени во нешто што личи на пижами на риги, од децата на влезната порта на градот до повозрасните луѓе кои ја играат улогата на судии.
Целата костимографија и сценографија изгледа како од филм на Федерико Фелини. Но фестивалот Зого дел'Ока („Игра на гуската“) е многу реален, а и покрај ретро моментот е неодамнешен изум, чија цел е да привлече туристи, а и да овозможи поврзување на заедницата.
Изумител на оваа традиција е Роберто Галорини, раководител на Про Локо Мирано, волонтерско здружение за промоција на овој град. Всушност таа се надоврзува на легендата за Св. Мартин, еден од најпопуларните светци во католицизмот, кој станал познат поради тоа што од скромност се скрил во јато гуски кога сакале да го направат бискуп. Неговиот ден се паѓа при крајот на земјоделската година, кога гуските кои се товени во текот на летото конечно се подготвени да завршат на трпезите.
Зошто токму гуски? Овој регион со векови е дом на голем број еврејски и муслимански семејства. Додека италијанските католици биле задоволни со свинска пршута, колбаси и салама во текот на зимата, другото население кога станувало збор за месо главно го користело она од гуска. Документ од 1830 регистрира 1580 гуски само во едно еврејско гето во Венеција. Денес, колбасот од гуска помеѓу Италијанците е познат како „екуменски“, затоа што е единствениот кој можат да го јадат припадниците на сите три големи религии. Од 2015 оваа храна е и дел на прославата во која учествуваат и главниот рабин и имамот на Венеција.
Што се однесува до играта, не е ни чудо што во неа се бираат помлади луѓе, затоа што подразбира голема физичка подготвеност. Делови од неа изведуваат акробати, кои се искачуваат на високи столбови на кои се закачени торби со задачи кои треба да се исполнат. Други активности се трка на тим во кој сите членови се врзани еден за друг, гаѓање огромна гуска со ластегарка, па дури и натпревар во тоа кој повеќе ќе го навреди противникот. На целиот плоштад е поставена огромна табла, на која се игра нешто налик на „Не лути се човече“, со коцка направена од стиропор. И покрај компетитивниот дух, целиот настан е пријателски а парите кои притоа се заработуваат одат за хуманитарни цели.