Можеби сте забележале дека во последно време комарците некако се извитоперуваат во споредба со она суштество кое некогаш го познававме, и со кое се „дружевме“ во долгите непроспиени ноќи додека ни зуеше околу уши. Овие денешниве и изгледаат поинаку, и боцкаат полукаво, така за да не ги ни забележиш ни слушнеш сè додека не почнеш да се чешаш и да отекуваш. Новиве се пробиваат и низ таканаречена мрежа за комарци, која за да не ги пропушта треба изгледа да биде заменета не со погуста мрежа, туку со некаков прозорски панцир.
Тимоти Вајнгард во нова книга тврди дека комарците одиграле улога во истребувањето на диносаурусите, а дека болестите кои ги пренесуваат толку долго и со толкава моќ влијаеле врз менувањето на човечката ДНК. Комарецот владеел на земјата 190 милиони години и има убивано со неверојатна ефикасност, иако жртвите не секогаш му биле припишувани токму нему. Односно на неа (женски род) бидејќи само женката комарец е онаа која каса, со оглед на тоа што ѝ е потребна крв за да произведува јајца.
Луѓето му смислувале стапици на „анофелес-от“ како што му гласи латинското име на овој инсект, од моментот кога прооделе на земјата, но тој многу ефикасно се адаптира на секој нивен обид да се отарасат од него и од страшните болести кои ги пренесува, како маларија, енцефалит, жолта треска, зика, западно-нилски вирус и други. Ваквите прилагодувања му помогнале да остане на тронот како најсмртоносно животно на планетата, и покрај тоа што нема ниту толку силни вилици како лавот, ниту пак е толку отровен како змијата.
„Комарецот е нарцисоидно животно. За разлика од други инсекти, не пренесува полен, не помага во преработката на ѓубре. Наспроти популарното уверување, комарецот дури не е ни незаменлив извор на храна на кое и да е друго животно. Таа нема друга цел освен да се размножува и веројатно да убива луѓе. Како врвен предатор во текот на нашата одисеја, изгледа дека нејзината улога во односот со нас е да дејствува како контра-мерка на неконтролираниот раст на човештвото“
Книгата почнува од првите записи за инсектот околу 3200 години пред нашата ера, преку Римското доба, крстоносните војни, Монголското царство, откривањето на Америка, па до модерно време, комбинирајќи историски факти и наука за да пренесе приказна која од критиката е опишана како „информативна и шокантна“. Војната со инсектот продолжува, иако е сосема можно тој како и до сега да нè надмудри, и ние да бидеме првите кои ќе исчезнеме додека тој задоволно ќе продолжи да си зуе и да си ги трие тоа рачињата.