„Синџир на среќата“

Историја на писмата кои мора да ги препратиш за да не те бие малер

„Ова е кинеско писмо за среќа. Веќе 8 пати го има обиколено светот. Не е шега! Испрати 20 копии, и во наредните денови ќе добиеш добри вести. Не праќај пари, затоа што парите не купуваат среќа.“

Вака или слично гласеа писма кои на времето ги добивавме копирани или рачно препишувани во поштенските сандачиња. Наскоро по нив следуваа и такви во кои се бараше уплата на пари на список имиња и адреси. Без оглед дали беа за некаква бизарна забава или за апла корист, заплашувањата во нив функционираа.

Легендата вели дека Исус бил првиот кој напишал ваква „верижна“ порака и ја скрил под камен. Таа ја соопштува неговата одлука да ја прогласи неделата за ден за одмор, наместо дотогашната сабота. „Оној кој ќе го препише ова писмо ќе биде благословен. Оној кој нема да го стори тоа ќе биде проколнат“, пишувало во него. Така започнала долгата историја на писмата кои носат (не)среќа.

Копија од писмото беше изложено во 2014 во библиотеката Џорџ Пибоди во Балтимор, на изложба посветена на лаги, измами и плагијати. Од времето на неговиот „оригинал“, објавен во Лондон во 1795, луѓето добиваат и препраќаат писма кои ветуваат богатство, здравје или просветлување. Дури и оние кои одбиваат да потпаднат под вакво влијание може да почувствуваат блага јанѕа заради наводната магична моќ на ваквите писма, кои доколку не им се продолжи патеката можат да предизвикаат несреќа па дури и смрт.

Спојот на ваквите пораки со изнудување пари, пак, според една приказна датира од 1888. Некоја методистичка женска мисионерска дружина имала сериозни финансиски проблеми - нивните долгови се искачиле на за тоа време неверојатни 16000 долари. Иако водачите на групата се молеле за помош, тие исто така знаеле дека мора да преземат иницијатива.

Една од жените дошла на генијална идеја: составила верижно писмо во кое моли за донација, истовремено барајќи секој од оние кој го добил да го препрати на уште тројца пријатели, и на тој начин да ја шири мрежата. Првично биле отпечатени и испратени 1500 примероци. Наскоро почнале да пристигнуваат пари, а на групата ѝ се придружиле и уште верници. Ваквото писмо било наречено „перипатетичка кутија за донации“, некој вид поштенска шапка која кружи исто како онаа на црковните собири.

Една година по успехот на оваа акција една 17-годишна волонтерка на Црвен крст започнала синџир за собирање пари за мраз кој требало да им се испрати на трупите стационирани на Куба. Во њујоршката пошта пристигнале толку многу писма што ја блокирале, па мајката на волонтерката морала да даде оглас во кој ги моли луѓето да престанат да ги испраќаат.

Ова се почетоците кои имаат хуманитарен карактер. Но како што обично бива не поминало многу пред некому да му текне истиот темплејт да си го искористи за себе. Во текот на Големата депресија од 1935 Денвер станал епицентар на наезда на верижни писма. Акцијата Send-a-Dime (Испрати долар) ветувала дека ако испратите само еден долар на првото на список имиња, ќе станете богати кога ќе дојде вашиот ред. Ова за повеќето луѓе никогаш не се случило, а Вестерн Јунион бил тужен на сума од 27 милиони долари за соучество во измама.

Од тогаш ваквите писма се појавувале тук и таму на различни географски широчини и во различни времиња. Во Америка во 1978 студентите од Харвард започнале тн. „Златен круг“ - купувале писмо за 100 долари, при што 50 оделе за продавачот а останатите педесет на оној на почетокот на список на имиња. Ваквиот брак на верижните писма и пирамидалните шеми функционираше и во нашиве краишта, и тоа непосредно пред распадот на Југославија.

Без оглед дали се работи за изнудување пари или за просто заплашување, верижните писма играат на картата на стравовите и надежите. Електронската пошта не само што не ја сузби оваа појава, туку уште повеќе ја разви. А ако добиете едно од нив и не го препратите (вкучително и ако не го споделите постов), подгответе се за следнава судбина:

 

2 ноември 2016 - 08:56