Во новата книга „Сакањето на книжевноста: културна историја", авторката Дидра Шона Линч, професорка по англиски на Харвард, покажува дека литературата долго време не била „сакана" во денешната смисла на зборот. Луѓето ја читале со глава, а не со срце, и им била одбивна идејата дека можат емотивно да се поврзат со ликови и писатели. Со време, според неа некаде помеѓу 1750 и 1850, читањето станува „приватна и страствена" активност, наспроти онаа „јавната и рационална".
Ова се должи на тоа што до средината на 18 век владеело нешто што таа го нарекува „реторичка култура", во која литературата не му се нудела на читателот како објект на љубов, туку како извор на поука или упатство за убаво изразување. Во таа култура најважните текстови се оние кои се во тек со настаните, за подоцна за антологиски да се сметаат книгите кои напротив, ја надживеале својата епоха. Тогаш да се биде читател станува идентитет за себе, а читањето значи обид да се воспостави интимна врска со сродни души од други времиња и простори.
Токму кон крајот на 18 и почетокот на 19 век почнуваат да се појавуваат и метафорите за заведеност, замаеност и љубов кога се зборува за односот кон книгите. Семјуел Џонсон, aнглискиот лексикограф, поет и биограф, во 1750 напишал дека „добрата биографија може да го окова срцето со неодолив интерес". Со истиот дискурс зборуваме и денес за добрите книги, на кои „тешко им одолеваме“. Кон оние омилените развиваме благородна лојалност, не сакаме да ги отуѓуваме, и ги чуваме блиску до нас, во нашиот приватен простор - на полиците во дневна или покрај креветот.
Преодот од книги на хартија кон електронски на почетокот изгледаше погубен по овој романтичен аспект на читањето, но таквиот однос е далеку од изумирање, и не само што ги опфаќа книгите, туку и омилените филмови и серии. Останува само проблемот со којшто некои од нас често се соочуваат - како побогу да му објасниш некому зошто толку многу сакаш некоја книга? Речиси е исто толку тешко колку и да објасниш зошто сакаш некој човек.
Извор: Њујоркер