Интересното потекло на терминот „банкрот“

Се користи во правната и економската терминологија, како неспособност за плаќање на фирма или поединец, но и во секојдневниот говор за некој што пропаднал, останал без пари. Етимологијата на терминот „банкрот“ е од еден интересен италијански обичај.

Понте Векио е средовековен затворен мост преку реката Арно во Фиренца. Најпознат е по продавниците на него - порано тоа биле касапи, кожари и други занаетчии, денес се продавачи на сувенири и златари. Прв пат се појавува во документација во 996-тата, поплавен е во 1117-та, а потоа реконструиран.

Но неговата историја е поврзана и со етимологија на еден збор кој означува финансиска пропаст, а го користиме и во македонскиот - банкрот. Коренот му е од латинското bancus (клупа или маса) и ruptus (скршено). „Банка“ првично означувало клупа, затоа што првите банкари на јавни места (по пазари, панаѓури итн.) практично немале дуќани туку тезги на кои ја вршеле својата работа. Кога некој банкар („клупар“) ќе пропаднел, тогаш властите ја кршеле неговата „банка“ за да објават дека лицето на коешто му припаѓала тезгата до тогаш веќе не е во состојба да продолжи со својот бизнис.

Со оглед на тоа што оваа практика била честа во Италија, и тоа особено на фрекфентните јавни места како спомнатиот мост, се смета дека „банкрот“ доаѓа од банко рото, односно скршена клупа. Не биле кршени само тезгите/клупите на банкарите туку и на сите трговци кои не можеле да си ги платат долговите.

Друга теорија вели дека терминот потекнува од францускиот, комбинација на banque - маса и route - трага, метафора за знакот оставен во земјата откако ќе била тргната масата на која продавал трговецот, поради негова финансиска пропаст. Врз овој принцип се следи потеклото на банкротите уште од древен Рим, кога банкарите (менсарии), кои имале во тезги на одредени јавни места, кога ќе исчезнеле со парите кои им биле дадени на чување, оставале само знак или сенка на својата поранешна локација.

24 април 2021 - 12:34