Насловот на кој наидовме гласи „Хари Потер волонтираше како проверувач на факти за Њујоркер“.
Станува збор за тоа дека Даниел Редклиф, кој го играше Потер во серијата филмови, неодамна се согласил да помине еден ден како фактчекер на овој весник, како дел од промоцијата на претставата „Животниот век на еден факт“ на Бродвеј, во која игра една од главните улоги.
Претставата следи вистинска приказна за соработката која прераснува во конфликт помеѓу писателот Џон Д`Агата и проверувачот на факти Џим Фингал (кого во претставата го игра Редклиф). Врз основа на нивната преписка е издадена и книга под истиот наслов од 2012.
Промотивната задача на Редклиф била за Њујоркер да провери осврт за мексикански ресторан во Бруклин под името Оксомоко. Неговото искуство, опишано во овој текст, било „ужасно“ и „претешко“. Но тоа не било ни блиску до она низ што поминал вистинскиот Фингал.
Тој, имено, требало да провери многу потежок текст отколку осврт за ресторан: есеј за самоубиство на 16-годишниот Леви Присли, кој во 2002 скокнал од хотелот Стратосфера во Лас Вегас. Него Д`Агата го напишал во 2003, и тој се базира на негово лично истражување, како и на неговото работно искуство како еден од операторите на градската СОС линија за самоубиства. Така, тој претставува повеќе истражување на блескавоста на овој град на коцкарници и туристи, наспроти проблемите на неговите „обични“ жители.
Есејот бил најпрвин нарачан од списанието Харперс магазин, но потоа бил повлечен, поради несогласувања на уредникот и авторот, околу „книжевниот“ (читај: премногу лежерен а не фактографски) стил на вториот. Друго списание, Тhe Beliver, го најмил Фингал да ги провери фактите и ја објавило ревидираната верзија, но дури во 2010.
Што е тоа „факт“, а што негова интепретација? Дали има разлика помеѓу точност, прецизност и вистинитост? Кој е оној кој треба да ги проверува изјавите на политичарите, написите на новинарите и тврдењата на писателите на документаристички есеи? Ова се прашањата со кои се занимаваат и книгата и претставата. А кои кај нас во најдобар случај можат да се етикетираат како „филозофски“, како еуфемизам за нешто крајно излишно и непотребно.