Дури и на Олимпијадите во Токио 2021 и Пекинг 2022, кога социјалното дистанцирање го имаше заменето гушкањето, па дури и обичното пружање рака за честито, една традиција не се промени - бесплатните кондоми. Во Токио бројката била околу 160.000, иако не е јасно колку од нив биле просто однесени дома како сувенири а колку реално употребени.
Традицијата на достапност на бесплатни кондоми на Игрите датира од 1988, кога Калгари во Канада се подготвувал за зимската Олимпијада во 1988. Тоа е време кога бројот на случаи на сида кулминира низ светот. Експертите по јавно здравје тогаш ги советувале организаторите да обезбедат кондоми кои биле складирани во аптеката при Олимпиското село. Секако, натпреварувачите требало да ги побараат, но не дека па било тајна дека во текот на престојот тие имаат и поинакви „тренинзи“. Продавницата на кампусот дури обезедувала и порно списанија. „Не раководиме со викторијанско друштво за воздржување“, изјавил тогаш „кметот“ на селото, Боб Нивен.
Оваа традиција продолжила во Сеул, Јужна Кореја, за време на летните олимписки игри. А со секое следно издание, бројот на кондоми се зголемувал. Почнале да се прават и финти - кондомите биле произведувани во боите на Олимписките кругови: сини, жолти, црни, зелени и црвени. На летната Олимпијада во Барселона тие броеле најмалку 60.000, а на почетокот биле достапни за купување од автомати во близина на дискотеката на Олимпиското село. Но по жалбите на спортистите дека никогаш немале при себе ситно кога ќе дошол моментот, организаторите просто почнале да им ги даваат бесплатно.
Анегдоти поврзани со кондомите најмногу има од Лилехамер, Норвешка, каде во 1994 се одржаа зимските игри. Автоматите биле инсталирани во основно училиште претворено во привремен хостел за волонтерите. Иако учениците во текот на игрите биле на распуст, настава се уште имало кога биле поставени првите автомати. Тие биле презаинтересирани за нивната содржина, особено кога прочитале дека некои од кондомите имаат вкусови, на пример на малина. Подоцна медиумите информирале дека канализацијата на градот се затнала од кондоми, кои спортистите ги фрлале во тоалетите.
На Олимпијадата во Сиднеј од 1000-тата спортистите ги потрошиле 50.000 кондоми многу побргу отколку што било предвидено, па производителот Ансел доставил дополнителни 20.000. Тогаш гласноговорникот на фирмата изјавил: „Со оглед на побарувачката, натпреварот за медали изгледа се одвива и во и вон спортските арени“. Особено биле барани оние со вкус на пеперминт и јагода, а некои спортисти се жалеле и дека кондомите им се тесни. Атина во 2004 ја презел Дурекс, со 130.000 кондоми и 30.000 лубриканти за перформансот на спортистите „да лизга“.
Сепак, рекордот го држи Рио од 2016 со - (тука Олимписки фанфари) 450.000 кондоми или во просек 42 кондома по спортист (?!) од кои 100.000 прв пат во Олимписката историја биле женски.