Овие жени пишуваат сочни љубовни приказни и скандалозни семејни драми. Некои од нив се универзални, како класичниот мотив на „Пепелашка" - сиромашна девојка која се мажи со богат маж - но има и поризични нарации, како приказна за разведена жена која има романтична врска со маж кој е девец. Сепак, без оглед на содржината, сите овие книги изразуваат јасни ставови против трговијата со луѓе, малолетничките бракови и ропството во каква и да е форма.
Авторките своите дела ги пишуваат главно на рака, а потоа ги даваат за одреден надомест да се внесат во компјутер, плаќаат за да бидат објавени на евтина хартија и ги дистрибуираат книгите на пазари низ тој дел од Африка. Тие најмуваат локални уметници за да им ја дизајнираат корицата, а на печатарот му плаќаат за неколку илјади примероци, чии страници се споени со најобична хефталица. Понекогаш тие им ги продаваат авторските права на издавачите, кои ги декорираат книгите со разнобојни фотографии на боливудски актери фотошопирани во традиционална хауса облека.
Голем дел од овие жени се вклучени во книгата „Дијаграм на срцето" на фотографката Глена Гордон, која не очекувала да сретне толку силни жени на место за кое се зборува само во контекст на силниот патријархат.
„Тие не се она што мислев дека се феминистки, но ме натераа да си го сменам сфаќањето за тоа како изгледа феминизмот", вели таа.
Жанрот којшто овие книги го формираат се вика „Кано пазарен" затоа што прв пат се појавил во доцните 1980-ти во Кано, комерцијалниот центар на северна Нигерија, а самите книги се познати како littattafan soyayya, или книги за љубовта. Една од првите вакви авторки била Балараба Рамат Јакубу, чија трауматична љубовна приказна ја инспирирала да пишува. Јакубу била мажена и два пати разведена до нејзина 15-годишна возраст. Нејзината прва книга, „Млади во срцето" е критика на полигамијата раскажана преку моралниот пад на човек кој искористува голем број жени. Нејзината најпозната книга е „Гревот е кутре кое те следи до дома" од 1990, а таа ја раскажува приказната за жена чиј неверен маж зема проститутка како втора жена. Овој роман е преточен во филм, а во 2012 станал првиот роман напишан на хауса од жена-авторка кој е преведен на англиски.
Секако, сето ова не останало незабележано од властите, кои во 2001 формирале одбор за цензура. Ова тело во 2007 дури и запалило голем број од љубовните романчиња, а имале и апсурдни барања за бришење, на пример, на сцена каде мажот ѝ ги брише солзите на жена си (?). Но и покрај големите напори од страна на власта, популарноста на овие романи е толку голема што денес нивните авторки се оставени горе-долу раат. Тие заработуваат по 600-1200 долари по книга, и со тоа стануваат ценети и по ваква, економска основа во нивните средини.
Извор: Wired