Нова книга

„Хитлер по дома“ - врската помеѓу ентериерот и моќта

Деспина Стратигакос е историчарка која ja интересира врската помеѓу архитектурата и моќта. Нејзината нова книга се вика „Хитлер по дома" и ја истражува архитектонската и идеолошката конструкција на „домашарската" слика за фирерот.

Хитлер соработувал со неговите пропагандисти за да креира имиџ кој би бил контрапункт на сите оние маршеви, салутирања и масовни собири документирани од Лени Рифенштал. Тие ја создале сликата за Хитлер како љубител на големи кучиња, планински пејсажи и - топли домови.

Стратигакос добро го искористила ограничениот пристап кој го добила до затворените архиви на Герди Трост (Gerdy Troost), главната архитектkа одговорна за ентериер на Хитлер. Специјалност на атељето Трост билo изработка на ентериери на бродови, кои биле орнаментирани со псевдо-класични елементи (читај: кич), што многу го бендисало Хитлер. Мажот на Герди, Пол, откако го изградил седиштето на нацистите и контроверзната Куќа на германска уметност починал во 1934, а Герди ги поминала следните 10 години работејќи токму на спротивното од грандиозните официјални објекти на Рајхот - куќите за одмор и становите за живеење на Хитлер.

Откако поминал еден убав одмор во изнајмена куќа во Баварските Алпи, Хитлер одлучил по секоја цена да ја купи и да ја претвори рустичната колиба во палата. Иако сопственикот не сакал да ја продаде, една неочекувана посета го „убедила" сепак тоа да го стори. Во 1936, по детална реконструкција, бил изграден Бергхоф. Иако делувала раскошно, според анализи на Стратигакос, вилата содржела и уметнички дела и ентериерни елементи кои биле лажни, просто земени од некакви филмски сценографии, имитирајќи скапи таписерии или слики. Прекумерно големите фотељи служеле за дипломатските претставници да се опуштат пред диктаторот, кој пак седел сосема исправено, на нешто што повеќе личело на трон. Во спалната, уредена како да е на скромно германско момче, чувал врамена слика од мајка му, веднаш до распетието.

Списанија од типот на Вог или Британски куќи и градини на времето објавувале слики од резиденциите на Хитлер, а најмногу од неговиот стан со 15 простории во Минхен, како отелотворување на она што во книгата се нарекува „проектирани желби за добар живот кои им биле ветени на Германците од нацистичката партија". Иако стилот е прилично ригиден, тој сепак претставува чекор напред од студенилото на Баухаус кон полуксузни материјали, интересни текстури и умерена сензуалност.

„Целта на книгата не беше да се хуманизира Хитлер, туку да се покаже како тој бил хуманизиран", објаснува авторката, инаку професорка на катедрата по архитектура на Универзитетот во Бафало. Во 1930-тите тој веќе имал имиџ на култивираност и вкус, додека само една деценија претходно никој не го земал за сериозно. Како успеал да се пресоздаде себеси? Преку заводливоста на нацистичката естетика, чиј голем дел била и архитектурата.

21 октомври 2015 - 15:41