Во спотот познатиот рапер ја имитира атмосферата на проектот на Абрамовиќ од 2010, „Уметникот е присутен", кој се одвиваше токму во просториите на МоМА, при што цели шест часа ја пее истата песна, придружен од познати фаци во публиката, а во еден момент и од самата Абрамовиќ која по малку срамежливо му се придружува на подиумот.
Реакциите на овој потег на Џеј-зи по настанот се движат од возбуда (Хафингтон го нарече „еден од клучните уметници на нашето време"), преку збунетост („уметничко исмевање на уметничкиот свет") до очај („денот кога перформативната уметност умре"). Flavorwire се обидува на настанот да му пристапи од поинаков, социо-културолошки аспект, и еве што вели:
Најпрвин, факт е дека во моментов во светот на хип-хопот постои зголемен интерес за уметничкиот свет. Кање Вест го цитира Ле Корбизје при објаснувањето на новиот албум Yeezus и него го промовираше на Арт Базел - најголемото светско шоу на современа уметност. Џеј-зи од своја страна голем дел од новиот албум Magna Carta Holy Grail го посветува на наведување славни уметници од минатото и сегашноста, при што еден од најчесто спомнуваните е Жан-Мишел Баскијат.
Можеби спомнатите хип-хоп артисти се навистина заинтересирани за уметност - Вест одел во уметничко училиште, а и претходно има соработувано со уметничката фела, на пример со Јапонецот Такаши Мураками, кој ја направи корицата за албумот на Вест од 2007, Graduation. Но тука има и нешто повеќе - желбата да се влезе на голема врата низ триумфалните порти на уметничкиот естаблишмент, кои долго време за овие двајца рапери биле цврсто затворени. Но не во смисла на непријателско заземање на уметничката територија, и нејзино пародизирање или уништување, туку влегување на начин на кој тие би биле третирани како рамноправни. Во минатото поп културата се задоволуваше со тоа да зајми од естетиката на високата уметност, но сега таа сака самата да биде тоа.
Историски, соработката помеѓу уметноста и поп или рок музиката често имала за цел уметноста да биде внесена како интегрален дел во поп културата. Но тука не се бара „високата" уметност да се наведне и така да влезе во поп музиката, туку богатите господари на хип-хопот бараат да бидат сфатени сериозно, како дел од естаблишментот на сериозната уметност. Притоа тие не крадат идеи, туку коректно ги цитираат нивните инспирации, претставувајќи им ги на сосема нова публика, која можеби никогаш не чула за нив.
Можеби токму затоа Абрамовиќ и прифатила да се појави во тие шест секунди од спотот - уметноста, кога се третира како елитна, не стигнува до генералната публика. Вака ем Џеј-зи софистициран, ем Абрамовиќ со нови, хип-хоп фанови. Плус малку џускање не е на одмет, особено на песна во која се спомнуваат Пикасо, Ротко, Џеф Кунс и Ворхол, во комбинација со бордели, дроги и зборови на „е".