Германско-американската политичка теоретичарка одбивала да биде нарекувана „филозоф" - додека филозофијата се занимава со човекот со големо Ч, таа сакала да се фокусира на човекот „кој живее на земјата и го населува светот", оној реалниот, со сите негови доблести и застрашувачки страни.
Иако филмот за неа со Барбара Сукова се нарекува „биографски", тој всушност се фокусира на само еден значаен настан - присуството на Арент на судењето на Ајнхман во Ерусалим во 1961 како репортер на Њујоркер и настаните по објавувањето на нејзините статии. Сето она што е потребно како контекст за да се разбере сложеноста и контроверзноста на ситуацијата, особено оние поврзани со животот на Арент, се повеќе нафрлени отколку разработени, што е и единствениот можен начин за филм кој трае саат и 49 минути и има амбиција во исто време да постигне повеќе цели: ем да биде биографија, ем да се занимава со конкретен и крупен историски настан, ем да постави и да заземе став кон едно важно филозофско прашање - изворите на злото. Три лубеници под иста мишка не се носат, па тој ризикува на оние кои не го познаваат ликот и делото на Арент засекогаш да им ја втисне како студена, арогантна интелектуална икона со цигарата в уста, на која единствено што ѝ е важно е да е во право.
Но еден подетален поглед врз нејзиниот живот ни нуди повеќе нијанси: детството во Германија во еврејско семејство, студирањето филозофија кај Хајдегер со кого имала долга и бурна врска, заминувањето за Хајделберг во текот на една нивна кавга каде докторира кај филозофот-психолог Карл Јасперс, за во 1929 да биде спречена да „хабилитира", односно заради тоа што е Еврејка да не ѝ биде дозволено да предава на германските универзитети. Нејзиното заминување за Париз каде се мажи со германскиот поет и марксистички филозоф Хајнрих Блухер, и тамошното интернирање во кампот Гурс по окупацијата на северна Франција. Бегството за САД со сопругот и нејзините чести враќања во Германија по Втората светска војна како активист на ционистичка организација која помагала на Евреите низ светот. Професорските позиции во САд на повеќе Универзитети, а меѓу другото и како прва жена-професор на Принстон.
И покрај завидниот интелектуален капацитет, од човек со ваква судбина би се очекувало сепак да биде субјективен, во делата на нацист од рангот на Ајнхман да види „монструозни чинови", а во неговиот лик пореметена личност. Барем такви биле стандардните толкувања и очекуваните реакции на нејзините пријатели, сонародници и на јавноста воопшто. Но на општо изненадување, Арент врз примерот на Ајнхајм гради една цела филозофска теорија за „баналноста на злото", чии пораки важат и денес.
На кратко, таа вели: нацизмот покажува дека најстрашните злодела кон човештвото не ги вршат некакви антропоморфни чудовишта со три глави, прекумерно интелигентни но асоцијални поединци или фанатици кои имаат план да завладеат со светот, туку обични „никојиништовци", бирократи и не посебно надарени личности, кои единствената смисла на нивното постоење го наоѓаат во припадноста на нешто поголемо од нив самите, некаков култ, движење или систем, кој би ја надоместил нивната неспособност самите да мислат за себеси, и оттаму да бидат одговорни за сопствените морални одлуки. Кај Ајнхам, имено, немало траги од антисемитизам, ниту од намера некого да повреди, тој едноставно „следел наредби" и „го почитувал законот". Шесте психолози најмени од израелската влада да извршат проценка на психо-менталната состојба на „чудовиштето" не само што не нашле знаци на психотичност и абнормално однесување, туку напротив изјавиле дека Ајнхман е надпросечно - нормален!
Малку е да се каже дека тезите на Арент наишле на поделени мислења - таа била изложена на критики, па дури и закани по живот. Причината не се состоела само во тоа дека таа на некој начин го „оправдала" Ајнхман (кој сепак завршил на бесилка), туку и заради уште еден детал од нејзината репортажа, која подоцна ќе прерасне во книга: улогата на локалните еврејски заедници во спроведувањето на холокаустот, кои во голем број случаи не само што не им се спротивставиле на нацистите, туку како што се покажало на судењето, дури и соработувале со нив. Така излегло дека таа ги обвинува жртвите, а не сторителите, олицетворени во сиротиот, подпросечно интелигентен, а надпросечно просечен Ајнхајм. Иако Арент е забележана во историјата на политичката теорија по своето занимавање со тоталитарните режими, со насилството и злото, приватно таа повеќе загубила отколку што добила со обидот да примени филозофски принципи на расудување онаму каде емоциите не оставале простор за нешто такво.
На крај една песна инспирирана од Арент која ја деконструира идејата за баналноста на злото спротивставувајќи ја на онаа за баналноста на доброто и добрината, на мојот пријател и колега антрополог, Џонатан Шварц, и самиот по потекло Евреин, која ја добив како честитка за Нова година:
БЕЛЕШКА ЗА БАНАЛНОСТА НА ДОБРИНАТА
(Note toward the banality of goodness)
Го шетам мојот мачор
ова доцно попладне во ноември.
Всушност, да бидам искрен,
мачорот ме шета мене.
Си оди кадешто тој сака.
Границата со нашиот комшија
сепак не може да се премине.
Неговиот поводник е долг,
но не доволно.
Морам да го следам неговиот начин
и да бидам чесен дека тоа е начинот
на кој нештата мора да се случат.
Мојата желба, како што учеше благословениот Спиноза,
е сенката на она што се мора.
Месечината, гледам,
е само плускавец.
Облаците кон запад се бранови,
на кои едри нашата љубов.
Џонатан Шварц
11/11/2013, Елсинор, Данска