„Хамнет“ и 400 години старата мистерија за жената и синот на Шекспир

Во 1582 година, осумнаесетгодишниот Шекспир во Стратфорд на реката Ејвон се оженил со 26-годишната Ен Хатавеј, која веќе била бремена со нивната ќерка Сузана. Неколку години подоцна се родиле близнаците Џудит и Хамнет (име што тогаш се користело и како варијанта на Хамлет). Во 1596 година Хамнет починал на 11-годишна возраст, најверојатно од чума. Можно е Шекспир, кој тогаш бил со театарската трупа во Лондон, да не стигнал ни на погребот. Околу четири години подоцна ја напишал трагедијата „Хамлет“.

Филмот „Хамнет“, инспириран од истоимениот роман на Меги О’Фарел од 2020 година, се обидува да го замисли приватниот живот на Вилијам Шекспир, неговата сопруга и трагичната смрт на нивниот син. Делото прикажува силна и емотивна приказна за загуба, но голем дел од неа е плод на имагинација, затоа што за вистинскиот семеен живот на Шекспир постојат многу малку сигурни историски податоци.

Во романот и филмот, сопругата на Шекспир, Агнес, е жена што се разбира од лековити билки и има интуитивна, речиси пророчка природа. Сепак, таа не успева да го спаси нивниот син Хамнет од чума, а токму таа загуба наводно го поттикнува Шекспир подоцна да ја напише трагедијата „Хамлет“. Сепак, ваквите врски не можат историски да се потврдат — тие се уметничка претпоставка изградена врз мал број факти.

Она што сигурно се знае е следново: во 1582 година, осумнаесетгодишниот Шекспир во Стратфорд на реката Ејвон се оженил со 26-годишната Ен Хатавеј, која веќе била бремена со нивната ќерка Сузана. Неколку години подоцна се родиле близнаците Џудит и Хамнет (име што тогаш се користело и како варијанта на Хамлет). Во 1596 година Хамнет починал на 11-годишна возраст, најверојатно од чума. Можно е Шекспир, кој тогаш бил со театарската трупа во Лондон, да не стигнал ни на погребот. Околу четири години подоцна ја напишал трагедијата „Хамлет“.

За нивниот брак речиси ништо не е познато. Не се знае дали Шекспир бил принуден да се ожени или тие навистина биле вљубени како во филмот, ниту како точно починал Хамнет. Особено малку се знае за самата Ен Хатавеј — дури ни дали знаела да чита и пишува. Затоа фикцијата ѝ дава силен карактер и длабока љубовна врска со Шекспир, правејќи ја централна фигура во приказната.

О’Фарел нагласува дека историјата често неправедно ја прикажувала сопругата на Шекспир како необразована селанка што го „наместила“ бардот да стапи со неа во брак, или како здодевна домаќинка. Авторката се обидува да ја преиспита таа традиционална слика. Дури и нејзиното име е несигурно: во повеќето документи се појавува како Ен, но во тестаментот на татко ѝ е запишана како Агнес, па токму тоа име го користи романот за да ѝ даде посебен идентитет. Современите толкувања ја претставуваат како способна и самостојна жена, што не е неосновано, бидејќи многу жени во раниот нов век воделе мали бизниси — произведувале и продавале домашно пиво, работеле со билки, тргувале или ткаеле. 

Филмот и книгата претпоставуваат и силна врска меѓу смртта на Хамнет и создавањето на „Хамлет“. Некои научници сметаат дека трагедијата можеби била начин Шекспир да ја изрази тагата, па дури и дека тој можеби ја играл улогата на духот на таткото на Хамлет — симболично простување со својот син. Но ваквите врски остануваат само претпоставки, бидејќи нема директни докази.

Филмот, според дел од критиките, премногу се фокусира на тагата и загубата (некои дури го користат и треминот „гриф порн“) за да дојде до завршните сцени кои се додуша навистина катарзични и ја прикажуваат врската помеѓу животот и уметноста кои меѓусебно се „имитираат“ односно испреплетуваат. Истовремено, до последните сцени името на сопругот односно таткото на Хамнет воопшто не се изговара, што е одлична тактика за некој што пред гледањето на филмот не знае ништо за темата. Следува сцена во која на премиерната изведба на „Хамлет“ публиката, со Агнес во првите редови, трогната од текстот подава раце кон сцената, создавајќи мост помеѓу двете реалности. 

9 февруари 2026 - 09:41