„Гризелда“: вистинската приказна за „кумата на кокаинот“

Нова мини-серија во шест продолженија на Нетфликс го опишува подемот и падот на Гризелда Бланко, за која Пабло Ескобар има изјавено:„Единствениот човек од кого се плашам е жена“.

Била позната под голем број прекари: Сивата дама, Полничката, Црната вдовица, Кумата. Документите ѝ биле на различни имиња, но најмногу ѝ се бендисувало „Бети“, поради сличноста со ликот од цртаниот Бети Буп, која додуша со годините почнала да опаѓа под влијание на оргијастичките забави и зависноста. 

Родена 1943 во Колумбија, Гризелда Бланко растела без татко, уште од мали нозе склона кон криминал. На 11-годишна возраст киднапирала и барала откуп за нејзин врсник, а се издржувала со ситни кражби. По сексуално малтретирање од дечкото на мајка ѝ, на 19 години избегала од дома и се занимавала со проституција. 

Серијата започнува во момент кога таа пристигнува од Колумбија во Мајами со своите тројца синови и со само едно кило кокаин. Бега од одмазда од деверот, откако го убива сопствениот сопруг со кого до тогаш воделе заеднички нарко бизнис. Бескомпромисна, одлучна да успее во новите околности и да им обезбеди дом на своите деца, таа најпрвин има скромна амбиција - да го продаде тоа едно кило. Тоа можеби и би било така, да не се нејзините екстремни реакции на најмал знак на потценување од машките конкуренти и гордоста која граничи со лудило.

Занесена од моќта што полека ја стекнува, опкружена со цела армија пребегани Кубанци и поранешни сексуални работнички кои ѝ служат како курири, таа заборава на основниот мотив поради кој избегала во САД од Колумбија - наводната загриженост за семејството. Алчноста и серијата убиства, од кои повеќето резултат само на нејзината параноја (меѓу кои и две деца), ќе доведат до тоа таа да почне да ги губи конците. На 17 февруари 1985 е уапсена за увоз и дистрибуција на кокаин и осудена на 15 години затвор. Во меѓувреме, како одмазда за убиствата кои ги има вршено, еден по еден се убиени сите нејзини синови, освен четвртиот, најмалиот, Мајкл Корлеоне (крстен по истоимениот лик од „Кум“). Во 2004 е пуштена од затвор и депортирана во Колумбија. Таму е убиена точно на начин кој самата таа го брендирала во текот на нарко-војните во Мајами - со убиец-моторџија. Имала 69 години.

Софија Вергара, која и самата е Колумбијка, е изненадувачки добра во портретирањето на Гризелда, за чие толкување морала да носи малку поиспакната вилица и простетички нос. Знаејќи ја само од серијата „Модерно семејство“ и како судија во реалното шоу „Америка има талент“, каде е секогаш многу мека, обла и мила, тука ја гледаме во сосема поинаква светлина - сурова и жедна за крв. Серијата е сепак така направена за да поттикне емпатија дури и кон еден ваков лик, што значи дека таа само се придружува кон долгиот список „ликови на негативци кои потајно ни се допаѓаат“ - со таа разлика што повеќето имиња на тој замислен список се машки. 

Спомнатиот Мајкл Корлеоне по премиерата на серијата на невидено ги тужеше Нетфликс и самата Вергара која се јавува како извршен продуцент, за „нарушување на угледот“, но подоцна ја повлече тужбата велејќи дека сепак таа емотивно го допрела. Еден од креаторите, кој е истовремено ко-автор на „Наркос“, Ерик Њуман, бил тужен и од наследниците на Ескобар. Овој пак, освен во цитат на почетокот, не се спомнува понатаму во серијата. Пет години помлад од Бланко, Пабло сигурно имал почит и, ако изјавата е реална, и оправдан страв од оваа жена. 

 

12 февруари 2024 - 09:35