„Гриф тек“ или технологија за тажење е основата за еден куп релативно нови стартап компании, кои на корисниците им нудат широк опсег услуги за излегување на крај со загуба на близок човек. Тука има и интерактивни видео разговори со мртвите, виртуални аватари на кои можете да им пишувате во секое време од денот или ноќта и аудио снимки за следните генерации. Во зависност од уникатната функција, софтверот вообичаено ги води корисниците низ прашалник за карактеристики на личноста и го обучува алгоритамот врз oснова на одговорите.
Исто како голем дел од бизнис моделите базирани на услуги, и овие „гриф тек“ апликации нудат хиерархија на претплати. Цените за плановите се во опсег од неколку долари месечно до стотици долари годишно. Една од компаниите, StoryFile нуди еднократна претплата од 499 долари за кои ветува висока резолуција и подолги видеа од починатите.
Иако основачите на некои од овие сервиси се внимателни во поглед на обемот и етиката на нивната технологија, други се поагресивни, па дури и ветуваат дека „никогаш нема да мора да се збогуваме со оние кои ги сакаме“ и дека целта на оваа технологија е „да се елиминира тагата како емоција“.
Гриф тек припаѓа на пошироко поле на бизниси поврзани со смртта, меѓу кои планирање на дигиталната оставштина или претворање на кремираното тело во дијаманти. Во книгата „Глич на смртта: како техно-солуционизмот нè изневерува во задгробниот живот“, авторката Тама Низ (Tamara Kneese) вели: „Смртта е лукративен бизнис, демонстриран преку долгата историја на животното осигурување и погребните индустрии - бизнисите со дигиталната оставштина само бараат парче од колачот“.
Најголемите етички проблеми произлегуваат од постојаниот подем на посмртните „дипфејк“ верзии на починатите, особено на оние славните, што доведува до вклучување на експлицитни одредби што би ја забранувале оваа практика во тестаментите и планирањето на наследствата. Ботовите-духови исто така го редуцираат починатиот на една единствена верзија од самиот себе - еднаш засекогаш запечатена.
Психолозите исто така предупредуваат дека секое одбегнување на соочувањето со тагата може да има големи идни последици. Тоа може да биде долгорочен и мачен процес, но без него не можеме да постигнеме затворање на тој циклус и продолжување понатаму. Алгоритмите и вештачката интелигенција само нè замајуваат дека болката ја нема, кога таа е всушност длабоко запретана и чека да излезе во облик и во време кога најмалку ја очекуваме.