Филмот е на Светлана Броз, внука на Јосип Броз - факт кој засега се користи против неа за да се дискредитира нејзината ангажираност да им се оддаде чест на одважните поединци од различни делови на екс-Југославија, кои со својата граѓанска храброст се обиделе (иако ретко и успеале) да бидат пример за останатите.
Првиот нејзин филм беше за Недељко Галиќ („Неџо од Љубишки"), Хрват кој за време на војната во Босна им помогнал на неговите сограѓани - Бошњаци да извлечат жива глава. Тој предизвика жестоки реакции, дури и физички пресметки, а на премиерата кордон полицајци ја штитеа екипата од толпа која пееше песни на националистот Томпсон.
Овој за Виктор Иванчиќ, еден од основачите на сатиричниот Ферал Трибјун, е посветен на неговите 23 години „самопрегорна афирмација на граѓанската храброст низ сопствен пример на новинар кој не се откажува од изнесување на вистината во најопасни времиња, во кои носителите на политиката на зло не се воздржуваат ни од застрашување, фрлање бомби на редакцијата и водење судски процеси против новинари".
Свои импресии за Ферал изнесуваат бројни колеги на Иванчиќ, но и историчари и политичари, меѓу кои и Стипе Месиќ кој е полн со фалби: „Ако за некој можеме да кажеме дека беше човек на интелигенцијата, енциклопедиското образование и неизмерна храброст, тогаш тоа можеме да го кажеме за Иванчиќ", вели Месиќ, во чиј мандат како Претседател (2008.) и покрај неговата формална поддршка, Ферал сепак беше затворен, заради наводни финансиски проблеми.