„Мис Меркел“ е серија книги на германскиот автор Давид Сафиер, во која поранешната канцеларка на Германија влегува во авантури решавајќи различни комплицирани случаи, секогаш придружувана од своето кученце-мопс. До сега се излезени три книги, а четвртата се очекува во ноември оваа година.
Сега во Германија, а и по нејзиното прикажување во Италија и во оваа земја, е популарна ТВ адаптацијата. Во неа главната улога ја има театарската доајенка Катарина Талбах, која како и Меркел има 70 години и е од поранешна Источна Германија. Таа вели дека не била тешко да се подготви за улогата.
„Секогаш можевте да го видите товарот на рамениците на Меркел. Така, се фокусирав на нив, ставив перика и едно од нејзините познати широки сакоа и веднаш се почувствува како да сум на нејзино место“, изјавила таа.
Талбах се има сретнато со Меркел повеќе пати но не е сигурна дали поранешната политичарка (по образование физичарка) е обожавател на „Госпоѓица Меркел“.
Авторот на книгите, Сафиер, претходно e познат по своите описи на холокаустот и како сценарист, добивајќи Еми за германската серија „Берлин, Берлин“.
Тој дошол на идеја за книгите во 2019, на денот кога Меркел објавила дека нема да се кандидира за петти мандат. Му се видел одличен спојот на високо интелигентната и често пати тврдоглава Меркел која по 30 години во политиката „е навикната да се занимава со измамници и социопати“. Некои од шегите се разбирливи само на оние кои се запознаени со контекстот - на пример тоа дека госпоѓица Меркел е добра во постојано поставување на истите прашања затоа што веќе го правела тоа до раните саати на безброј ЕУ самити.
И сега поентата на целиот муабет - можете да замислите крими серија со наш поранешен премиер?