Луѓето се поврзувааат преку споделени искуства како присуство на концерт, играње видео игри или навивање за спортски тим. Но изгледа тоа не е само човечка работа. Нова студија од Универзитетот Дјук објавена во списанието Proceedings of the Royal Society B на 17 јули покажува дека и шимпанзата и човеколиките мајмуни од типот бонобо се подруштвени кога ќе изгледаат филм со другарче.
За студијата која била изведена во засолниште за шимпанза во Уганда, истражувачкиот тим работел со 21 од нив, распоредувајќи парови големи мајмуни во одделни но сепак блиски кафези пред компјутерски монитор, на кој пуштале 1-минутни видеа со бебиња шимпанзи. Тимот користел технологија за следење на погледот за да биде сигурен дека животните навистина го гледаат видеото, а како дополнителна мотивација им поделил и овошни сокчиња. Во втора опција, шимпанзата гледале видеа, но секој сам, на одделни монитори, со пластична бариера помеѓу нив.
По завршувањето на видеата, тимот ги отворил вратите помеѓу просториите и потоа го набљудувал однесувањето на животните. Било мерено времето на пристап на еден шимпанзо до друг, растонието на кое се приближувале и други индикатори на социјабилност. Излегло дека шимпанзата кои гледале видеа со партнер се дружеле со него седум секунди подолго отколку шимпанзата кои ги гледале филмовите сами. Исто така, само првите се допирале и „поштеле“ меѓу себе.
Истиот експеримент е направен и во зоолошка во Лајпциг, каде се спарени 19 шимпанза и 7 бонобо, но со човечки партнери. Во тој случај шимпанзата им пристапувале на своите филмски другари 12 секунди побрзо отколку во паровите каде филмовите биле гледани на само.
Овој наод покажува дека споделените искуства за кои до сега се сметаше дека се културна придобивка можеби имаат подлабока, еволутивна позадина. Станува збор за ефект на синхронизација на однесувањето, кој е стар и вграден механизам на емпатија и создавање заедничка основа. Истото додуша е и причина за нервоза, ако оној кој седи до тебе во кино или на концерт почнува да ц’цка со телефонот - тоа нервира затоа што значи дека веќе не гледате заедно.