Во февруари годинава, во катедрала во Лестер, Англија, е одржана богослужба на британски знаковен јазик во чест на брак склучен пред 450 години, односно во 1576-та. Младоженецот бил глувиот ковач Томас Тилси, кој ги искажал своите брачни завети преку сигнализирање со рацете и изразите на лицето. Настанот бил толку необичен што службеникот го запишал детално во парохиските книги.
Иако денес ваквиот брак се претставува како „рана форма на инклузивност“, глувите луѓе користеле знаци при склучување брак со векови претходно. Сепак, тие не биле стандардизирани јазици како современиот британски или американски знаковен јазик (за македонскиот знаковен јазик тука), туку таканаречен „хоумсајн“ – поедноставен, но доволно развиен систем за комуникација во мали заедници. Во некои случаи бил толку сложен што научници како Џон Волис во 17 век го опишувале како вистински јазик.
Клучен момент во историјата било признавањето на знаковниот јазик од страна на црквата. Во 1198 година, папата Иноќентиј Трети дозволил глувите лица да склучуваат брак преку знакови, со што индиректно се признало дека тие се способни да дадат согласност. Ова имало големи правни последици: глувите луѓе можеле да наследуваат имот, да сведочат на суд и да учествуваат во правни постапки.
Таквите промени биле во спротивност со постари правни традиции, наследени од античкиот Рим, според кои глувите лица се сметале за интелектуално неспособни. Долго време правниците тврделе дека тие не можат да разберат или да дадат согласност, па дури ни да бидат одговорни за кривични дела.
Во пракса, сепак, знаковниот јазик постепено се прифаќал. Постојат случаи во кои глуви лица успешно се спротивставувале на своите семејства. Во 1618 година, во Есекс, Томас Спелер успеал да добие дозвола за брак и покрај противењето на мајка му, откако пред црковен претставник јасно ја изразил својата волја преку знаци. Слично, неколку децении подоцна, Џорџ Блаунт се оженил спротивно на желбата на родителите, а судот пресудил дека тој е способен да донесе одлука.
Сепак, и покрај овие примери, предрасудите опстојувале. Дури и во случајот со Томас Тилси, пред да му биде дозволено да се ожени, тој морал да докаже пред локалните власти дека разбира што значи бракот. За време на церемонијата, користел однапред одобрени знаци кои наликувале повеќе на мимика отколку на природен знаковен јазик.
Историјата покажува дека признавањето на знаковниот јазик како рамноправен со говорниот било постепен и сложен процес. Иако отворало нови можности за глувите луѓе, борбата за еднаквост и целосна општествена вклученост продолжува и денес.