Глупоста не е од вчера (a ќе ја има и утре)

„Кратка историја на глупоста“ од Стјуарт Џефрис (2025) на духовит и често провокативен начин ја истражува глупоста низ историјата, филозофијата и културата. Авторот ја разгледува оваа тема преку низа примери – од Шекспировите лудаци, преку Дон Кихот и романите на Флобер, па сè до современи фигури на славни личности и политичари.

Насловот „Кратка историја на глупоста“ на нова книга на оваа тема е привлечен. Но авторот Стујарт Џефрис уште на почетокот се соочува со две големи тешкотии. Прво, дали воопшто може да се зборува за „историја“ на глупоста, бидејќи таа секогаш постоела и се јавува во многу облици. Второ, тешко е да се дефинира што точно претставува глупоста – дали тоа е незнаење, тврдоглавост, неуспех да се извлече заклучок или пак својство на човекот, а не последица од неговото однесување.

Книгата се движи низ различни филозофски традиции. Западните мислители од античко време го врзувале разумот со доблеста, додека во просветителството глупоста почнала да се сфаќа како когнитивен, а не морален недостаток. Источните учења – таоизмот, конфучијанизмот и будизмот – ја поврзуваат мудроста со прифаќање на природниот ред и „дејствувањето без напор“ (wu-wei), па оттаму сфаќањето на тоа што е притоа „глупаво“, а што само индивидуална стратегија на излегување на крај со нормата, е малку пофлексибилно.

Покрај филозофијата, Џефрис навлегува и во книжевноста, анализирајќи како писатели како Флобер или Шекспир ја прикажуваат глупоста. Шекспировите „глупаци“ покажуваат дека глупоста не е само незнаење, таа може да биде алатка за истражување на доблеста наспроти мааните и на разумот наспроти ирационалноста. Иако формата може да делува гупава, содржината може да е мудра. Ликот на Дон Кихот кај Сервантес, на пример, покажува дека иако потрагата по идеализираната вистина можеби делува „глупаво“, без неа па и никогаш не би можело да се случај херојски дела. Тој прави осврти и на современи појави – злоупотребата на IQ тестовите, еугениката, масовната глупост на тоталитаризмите, па и „структуралната глупост“ на доцниот капитализам. 

Критиката заклучува дека делото е богато со идеи, понекогаш хаотично, но токму тоа одговара на темата што ја обработува. „Кратка историја на глупоста“ е и ерудитска и забавна книга, која покажува дека глупоста, иако често потценета, може да биде подеднакво сложена и значајна за разбирање на човечкото однесување како и разумот.

15 септември 2025 - 11:05