Млад затворски службеник од Британска Индија во 1887 е избран, заради својот висок стас и убав лик, да отпатува за Англија и на кралицата Викторија да ѝ подари „мохур“, златна монета за педесетгодишнината од нејзиното владеење. Тој и неговиот сопатник - Санчо Пансовски лик кој е најпрво комичен, а потоа трагичен - два месеци патуваат со брод за да пристигнат во студената Британија, која е таква и климатски но и во односот кон нив.
Нивната посета и онака треба да биде краткотрајна. Но се случува нешто необично - погледите на згодниот Абдул и на старата , уморна и осамена жена се вкрстуваат и покрај забраната директно да се гледа во монархот. Викторија го бендисува и го задржува на дворот. На ужас на останатите, меѓу кои и нејзиниот син претстолонаследникот Едвард, таа станува сè поблиска со својот слуга, кого наскоро го прогласува и за свој учител („мунши“) по урду и ислам, го облекува во скапоцени облеки, и прифаќа идеја во домот каде што најчесто престојува да направи таканаречена „Данбар рум“, еден вид галерија која содржи предмети и скапоцености поврзани со индискиот подконтинент.
Односот на Викторија кон Абдул на моменти е мајчинска, како кон син каков никогаш немала - мил, послушен, кој барем навидум не е таков поради некаква корист или наследство. Сепак, тој како да ја буди и жената во неа, кога ќе ѝ ги бакнува нозете, кога ѝ ја допира раката или просто ѝ гуга на урду. Целото домаќинство е скандализирано, но чашата се прелева кога кралицата одлучува да му додели витешка титула. Тогаш сите се закануваат дека ќе дадат отказ, а откриваат и некои до тогаш непознати детали за „натрапникот“ - дека воопшто не бил од благородничко семејство како што се претставувал, дека ја лажел за тоа дека индиските муслимани ѝ се верни поданици (напротив, тие имаат издадено фатва поради која таа не смее да стапне на индиска територија), и на врв на сè, дека тој има сексуално пренослива болест - гонореа.
Кралицата е видно повредена, но го советува Абдул тој и неговото семејство, кое во меѓувреме исто го има прибрано на дворот, да заминат со време не поради нејзиниот гнев, туку затоа што по нејзината смрт работите за нив во една расистичка и класно поделена средина како британската нагло би се влошиле. Ваквата загриженост излегува оправдана. Новиот крал Едвард VII не само што го изгонува Абдул од неговиот дотогашен дом, туку ги пали сите подароци и писма кои ги имал добиено од кралицата. Тој и неговото семејство се враќаат во Индија, каде умира осум години подоцна, во 1909.
Неодамна пронајдените дневници на Карим дури сега, повеќе од еден век подоцна, ја откриваат неговата приказна, како и онаа за ретурширањето на историјата од страна на британското кралско семејство. Тие не биле многу среќни ни со претходниот тутор на кралицата, Шкотот Џон Браун, но „обоениот“ слуга од Индија бил уште полоша опција. Неговото ставање на ниво еднакво со белите слуги, фактот што нему не само што му било дозволено да јаде на иста маса со нив, туку и постепено да добива куп привилегии меѓу кои и приватна кочија и слуга (токму истиот сонародник со кого и дојдоа во Британија!) било нешто што не можело да се толерира.
Целата приказна е откриена од новинарот Шрабани Басу, опишана во неговата книга „Викторија и Абдул: вистинската сторија за најблискиот човек на кралицата“. Неговото толкување на приврзаноста на Викторија, тогаш на возраст над 60 години, кон нејзиниот слуга, била во тоа што тој ѝ се обраќал како на човечко суштество, изгледал прилично наивно и невино, но знаел и да ја сослуша кога таа му се жалела во врска со сопственото семејство. Таа ги потпишувала писмата до него со „твојата сакана мајка“ и „твојот најблизок пријател“, но знаела и да ги заврши со бакнежи, нешто што во тоа време било незамисливо. Нивната врска очигледно функционирала на повеќе нивоа, но на обострано задоволство.
Викторија побарала Карим да биде помеѓу малата група најблиски пријатели и членови семејството на нејзиниот погреб во замокот Виндзор. Синот Едвард го почитувал ова барање, овозможувајќи му на слугата да биде последниот човек кој го видел телото на кралицата пред да се затвори ковчегот. Сепак, веднаш по погребот се погрижил да не остане трага од неговите десет години поминати во домаќинството.
Џуди Денч за улогата на кралицата сосема заслужено беше номинирана за Оскар. Суптилните промени на љубовни расположенија - од крајна занесеност, преку сомнеж и љубомора до гнев - и кај возрасна жена не се ништо поинакви отколку кај една тинејџерка. Карим пак не е претставен како измамник или изнудувач, туку како приврзан поданик, кој додуша нема ништо против да ужива во своите привилегии, додека неговиот сонародник страда во студена просторија, фаќајќи туберклоза. Освен овој аспект на филмот значајни се и моментите на критика на монархијата, која излегува дека е победена на своја територија од истите оние кои некаде далеку ги колонијализира, кои со турбан на глава, стоејќи од десната страна на кралицата, наивно ѝ се смешкаат в лице на целата таа ројалистичка гротеска.
„Можеби сум тврдоглава, алчна, дебела. Веројатно сум и несоодветно приврзана кон моќта. Но сигурно не сум луда!“ - вели во еден моќен монолог кралицата, кога нејзините најблиски сакаат да ја прогласат за ментално нестабилна и со тоа да ја тргнат од тронот. Преку ликот кој го гради Денч запознаваме жена која истовремено „полудува“ од љубов, но која парадоксално токму поради тие интензивни чувства почнува и појасно да ја согледува реалноста околу себе, и лицемерието на оние кои ја опкружуваат.
Илина, Букбокс