Moнголија е позната и како „Земја на вечното сино небо“, затоа што има 250 сончеви денови годишно. Околу една третина од населението е номадско или полуномадско, и како и на голем број други места во светот кои се богати со минерали, е загрозено од напливот на странски фирми - главно кинески, руски и канадски, кои ги експлоатираат домашните ресурси. Тие можеби придонесуваат за државниот буџет, но затоа предизвикуваат еколошка катастрофа пресушувајќи ги изворите на вода, оголувајќи го зеленилото и бркајќи го населението од териториите за мал надомест. „Политичарите во Улан Батор живеат во своите дворци и како да заборавиле дека и нивните предци биле номади“, вели една возрасна жена на средба на локалната група, на која треба да се одлучи дали ќе им се пружи отпор на новодојдените и агресивни копачи, или да се земе надоместокот и да се бара друго чаре.
Амра е 11-годишно момче кое преку ден носи оделце, кошула и вратоврска како школска униформа, а попладне во традиционална облека им помага на родителите во секојдневните обврски околу стоката. До училиште го носи татко му со скантана кола, на која гордо блеска знакот на Мерцедес. Прекарот на татко му е токму таков, Мерцедес Ердене, поради една приказна која во заедницата се раскажува како урбана легенда. Некогаш тој спасил семејство од пустината, па како благодарност мажот го откорнал знакот од автомобилот и му го подарил. Ердене толку се приврзал кон него што додека самиот не купил автомобил со него си го украсувал коњот. Со неговото семејство се запознаваме во критичен момент кога продажбата на сирење не оди баш добро, а звукот на рударските дупчалки веќе се насетува во близина. Ердене е против селење бидејќи знае дека едно отстапување ќе води кон второ, па кон трето, додека не дојде момент кога традиционалниот начин на живот ќе треба целосно да замре. Жена му, Зиа, мисли поинаку, дека енергијата вложена во отпор ќе биде залудно потрошена и дека тие и онака ќе треба да заминат.
Токму тогаш се случува несреќа која Амра преку ноќ од дете ќе го направи возрасен. Земајќи ги работите во свои раце, тој ќе почне да носи пари дома, само за мајка му да биде задоволна и да не одлучи да се сели. Тоа е неговиот начин да го продолжи отпорот на татка си, само на тивок начин. Оптимистичката порака на филмот е засилена со паралелниот успех на малиот на монголскиот пандан на талент-шоу, на кое изведува народна песна која зборува за залудноста на богатството, а важноста на хармонијата со природата и одржувањето на „крвотокот“ на Земјата. Снимките од дрон во последните сцени прават да посакаме да бидеме таму, во широките монголски степи.
Филмот во моментов е достапен на HBO.
Илина, Букбокс