Букбокс гледаше

„Убав ден во соседството“ или приказната за Фред Роџерс

Филмот за кој Том Хенкс доби номинација за Оскар е приказна за човек кој реално постоел. Но неговиот карактер е толку редок и неверојатен, што исто како да е измислен.

„Светец е оној кој ги исцрпил крајните човечки можности. Што претставуваат тие можности, тоа е невозможно да се каже. Мислам дека тие имаат некаква врска со енергијата на љубовта. Тој го љуби обликот на човечките суштества, фините и неправилни форми на срцето. Добро е меѓу нас да имаме такви луѓе, такви балансирачки монструми на љубовта.“

Леонард Коен


Фред МекФили Роџерс. Американски водител, музичар, куклар, писател и презвитеријански свештеник, кој помеѓу 1968 и 2001 ја креирал и водел саканата серијата „Соседството на господин Роџерс“ на американската телевизија. Завршил теологија, но потоа се запишал на студии по детски развој на Универзитетот во Питсбург, каде почнал 30-годишна соработка со детскиот психолог Маргарет МекФарланд. Се ангажирал на телевизија не заради слава или пари, туку како форма на протест против агресивните и често нехумани нарации на тогашните програми (што ли би кажал за денешните?). Шоуто кое го водел повеќе од 30 години било познато по игривоста и веселоста, иако често третирал и теми кои се сметале за тешки за деца за претшколска возраст, како развод, врсничко малтретирање и смрт. Но неговата идеја било децата со време да бидат подготвени за ударите на реалниот живот, за кои никој друг не им зборува и предупредува.

Иако новиот филм со Том Хенкс во главната улога се однесува токму на ликот и делото на Роџерс, подеднакво, па дури и повеќе, тоа е филм за Лојд Вогел, фикционализиран лик кој е заснован на новинарот Том Џунод. Во 1998, во момент кога неговата кариера оди по надолна линија откако прави крајно критички профил на Кевин Спејси, од својата уредничка во Есквајр добива неласкава задача - да направи профил, не подолг од 400 зборови („и однесувај се пристојно“) за серија текстови посветена на живи американски херои. Единствениот од списокот кој прифаќа да разговара со него е токму Фред Роџерс.

Тогаш младиот Џунод секако го знаел Роџерс од детските години, но токму на нив и не сакал да се потсети. Плус, во раните 80-ти Роџерс бил редовно пародизиран (од страна на Еди Марфи) на Saturday Night Live, како некој што глуми „финоќа“, и кој ги игнорира реалните американски проблеми, како бездомништвото, расните поделби и сл. Тој оттаму му пристапува на Роџерс со краен сомнеж, во обид колку што е можно побрзопотезно да ја заврши непосакуваната задача. Но во меѓувреме нешто се случува - наместо Џунод да го интервјуира Фред, вториов често успева да го сврти муабетот, па „интервјуран“ всушност да е новинарот, кој и во филмот, а и во животот, имал куп неразрешени емоционални проблеми.

И нас, како гледачи, спокојноста и човештината на мистер Роџерс на почетокот нè иритираат - на што дроги е човеков што никогаш не се нервира? Како тоа им одговара, на рака, на илјадници фанови што му пишуваат? Нели некогаш и нему му доаѓа преку глава од камери, продуценти, луѓе што сакаат да се сликаат со него, луѓе за кои тој е херој и...светец?

Во филмот Фред низ процесот на интервјуирање се спријателува со новинарот и му помага да излезе на крај со животните предизвици. Циникот станува некој вид верник - човек кој почнува да верува, но и да работи на својата и на среќата на блиските. Слично завршила и реалната приказна на Том Џунод, кој со сопругата, со поддршка на Роџерс, посвоиле ќерка, и со него останале пријатели до смртта на Фред во 2003. Текстот кој бил замислен да не биде подолг од 400 зборови на крај броел 10,000. Тој, под наслов „Можеш ли да кажеш...херој?“, заедно со текстот објавен на 9 септември 2016, под наслов „Човекот кој паѓа“, за фотографијата на човек кој паѓа од кулите-близначки, станаа антологиски дела на овој новинар, кој во филмот се појавува во камео улога (во сцена во кинески ресторан).

Еден од необичните податоци за овој крајно необичен човек е дека многу водел сметка за своето здравје - станувал во 5 наутро, пливал со часови, и не јадел ништо „што има мајка“. Кога еднаш на вагата ја видел бројката 143 (во килограми 64,8) одлучил дека секогаш ќе се држи до таа тежина. Зошто? Затоа што за него оваа бројка содржела многу важна порака - 1 како I, 4 како LOVE, и три како YOU.

Дали Роџерс бил херој или светец? Овој филм не го велича како таков, но во секој случај прави да поверувате дека таков човек некогаш постоел.

Илина, Букбокс

17 јануари 2020 - 16:09