Серџо е 83-годишен старец кого лесно би можеле да го опишеме како „држечи“. Секогаш тазе избричен, стокмен, бистар, тој е еден од кандидатите кој се јавува на оглас објавен во дневните весници: „Се бара господин од 80-90 години во добро здравје, дискретен и со основно познавање од технологија. Треба да е подготвен на тримесечен ангажман за време на кој нема да живее дома.“
Откако успева да сфати како функционира Уатсап, како да се вклучи на камера и да активира очила со вградена камера, тој станува „таен агент“ - човек кој треба да живее неколку месеци во старечки дом, и по барање на наводна клиентка да открие како е третирана нејзината мајка од страна на персоналот и на другите жители.
Неговото доаѓање во домот е дочекано со видлива возбуда - мистериозниот џентлмен, па уште и вдовец, ги бранува нивните души, се уште желни за романтика. Како главен квалитет се истакнува неговата „автономија“ - способноста да се грижи самиот за себе - како и неговото достоинствено држење и пријателско настроение. Првите денови поминуваат во запознавање со над 40-те жени (и само неколкумина мажи) во домот. Една од нив се исповеда на главната сестра, дека иако целиот живот била ригидна кон мажите, сега е конечно подготвена да ја загуби својата невиност!
„Истрагата“ на Серџо станува споредна приказна, и само алатка за низ неговите дневнички записи и јавувања кај неговиот работодавач, да ги запознаеме условите во домот и неговите жители. Пердита можеби има нарушено помнење за настаните од нејзиниот живот, но наизуст и без никаква грешка ја рецитира својата поезија. Бертита е ситна по раст, но крајно динамична и одлучна во заведувањето на Серџо. Марта пак е клептоманка која собира предмети од туѓите соби и си ги трупа во својата. Бидејќи никој никогаш не ја посетува, вработените од време на време глумат дека мајка ѝ се јавува на телефон за колку-толку да има чувство дека комуницира со некој свој. Често стои на заклучената решетка од домот и им довикува на минувачите - „Еј, синко, однеси ме дома!“.
Можеби филмот би бил поударен да е пократок и без непотребни повторувања. Од друга страна, токму тие се вистинскиот знак за тоа како се одвива животот во една ваква институција - повторливо и здодевно, за оние кои воопшто знаат каде се и што се случува. Од етичка гледна точка се наметнува прашањето дали сите тие знаеле дека се снимани и воопшто можеле да ја дадат својата, таканаречена информирана согласност? Колку од материјалот е изглумен, особено од страна на Серџо и неговиот работодавач? Дали навистина во овој, а и во други домови, им се посветува толку внимание на старите лица, или во овој е така бидејќи во него се сместени луѓе за кои некој (дебело) плаќа?
Додека го гледате, тој успева сепак да ве оттргне од ваквите рационализации и да ве трогне, додека гледате ликови кои можат да бидат наши баби и дедовци, родители. А богами, наскоро можеме да бидеме и ние.
Илина, Букбокс