Статијава е пишувана по исклучително бизарно, прво искуство со учество на онлајн конференција на која СИТЕ учесници беа со исклучени камери и микрофони, а обраќањето кон нив делуваше како зборување со духови. Можноста да се комуницира преку дигитална технологија е истовремено огромна предност и најголемата иронија во историјата на човештвото - алгоритмите кои ги создадовме ќе (или веќе) влијаат врз нашите умови на начини кои едвај почнуваме да ги разбираме. Притоа, приказната за вештачката интелигенција на планетата Земја само што е започната.
Има еден таканаречен закон на Мур (Moore's Law) според кој бројот на транзистори на микрочип се дуплира секои две години, додека пак цената на компјутерите се преполовува. Според него она што може да се очекува и во иднина е брзината и способноста на нашите компјутери да се зголемува, а да плаќаме помалку за нив. „Законот“ го добил името по Гордон Мур, ко-основач на Интел, кој ова предвидување го има направено во 1975.
Трансформацијата на светот околу нас во буквално секоја област е веќе започната како резултат на споменатото. Способностите на вештачката интелигенција растат во најмала рака следејќи го законот на Мур. А концептот за неа како за „човечка алатка“ наскоро може да го загуби своето значење.
И претходно сме гледале документарци кои со различно ниво на предострожност, хистерија и параноја нè запознале со начинот на кој стојат работите „од другата страна“ - од страната на креаторите на алгоритмите, социјалните мрежи, дигиталните медиуми. Но „Социјална дилема“ е малку различен во тоа што експертите не се некои-си-таму професори или автори на бестселери на вакви теми, туку луѓето кои се одговорни/виновни/заслужни што додека го читате текстов (ако уште го читате) веќе неколку пати сте прекинати од различни нотификации, или пак рачето веќе ви игра да го проверите соседниот таб. Извршни директори, поранешни вработени во Твитер, Инстаграм, Пинтерест, Фејсбук и други сајтови кои нè заведуваат, ни го крадат вниманието (добро, не ни го крадат, ние со задоволство им го даваме), и ни продаваат нешто, истовремено правејќи „роба“ и од нас.
На сите нив на почетокот изгледа како да им е „едно незгодно“ што биле „внатре“, од каде што веројатно излегле со дебели новчаници и, можеби, привремени договори за неоткривање детали на медиумите. Барем според она што го пишува на екранот до нивните имиња, голем дел од нив потоа отвориле компании или организации кои се (занесуваат дека) шират некаква свест за тоа како стојат работите. А работите стојат лошо. Мнооогу лошо.
Еден од нив, на пример, Џастин Розенштајн, е оној кој го смислил клетото копче „лајк“ на Фејсбук. Како што велел, на почетокот мислел да шири „позитивност“. А не заради недостаток на лајкови тинејџери да се самоубиваат и луѓе масовно да измислуваат лажни вести. Дури и оној чија главна работа била „монетизација“ на социјални мрежи тврди дека намерите му биле добри. Трет признава дека иако по цел ден на работа се трудел сајтот да му биде што поатрактивен и ги знаел сите психолошки финти за успех во истото, кога ќе дошол дома и самиот паѓал под влијание на „хипнотичкиот“ порив за сурфање, внесувајќи го мобилниот и во спалната соба до доцна во ноќта.
Овој дел со нивните исповеди е интересен, иако по малку патетичен. И да останело на тоа, би било ок. Но драматизациите за тоа како функционира едно фиктивно семејство чиј млад член станува дел од радикална група е стварно „лејм“. Просто човек да посака да има копче „дислајк“ на мониторот. Штета, затоа што во принцип, иако не нуди некакви решенија (а има ли воопшто решенија?) филмот добро го опишува проблемот и неговиот огромен обем. Но поривот да се избришете од Твитер после неговото гледање трае цели десет минути. Потоа, по старо. Без дилема.
Илина, Букбокс