Кога слушнавме дека креаторот на „Црно огледало“, Чарли Брукер, има некаква специјална емисија на Нетфликс за годината што поминува, мислевме дека дошол моментот да ни се сити за сето она што неговите мрачни сценарија го имаа предвидено, многу пред 2020. Очекувањата беа зголемени и со списокот на актери кои се појавуваат во неа - Хју Грант, Семјуел Џексон, Лиза Кудроу (од „Пријатели“), Лесли Џонс (од SNL). И сето ова можеше да биде интересно, да не е одбран погрешниот жанр - мокументари, или сатиричен лажен документарец.
Тајмингот е во сржта на комедијата, а во случајов едноставно е прерано за на лошата 2020 да можеме да гледаме со надмена иронија. Наместо со блага насмевка или кикотење како што веројатно предвиделе авторите, „документарецот“ го гледавме со втренчен поглед и стегнати вилици. Зарем е можно да сме ги минале сите овие настани кои во понормални околности би заслужиле да бидат прогласени за апокалиптични, ама секој од нив поединечно‽ (место кое заслужува употреба на интеробанг)
Сепак филмот е (очекувано) американоцентричен и се фокусира на нивните катаклизми - од пожари, настаните околу Блек лајвс метер и претседателските избори. Од другите нации единствено почастени со сатира се Британците, но изгледа само поради асоцијацијата на кралицата со „Круната“, исто така во продукција на Нетфликс. Можеби и ова требало да има некакво „мета“ значење, рефлексија на стереотипната американска самодоволност и егоцентричност, но и оваа порака се губи некаде помеѓу купот #хехенца, кои прават гледањето на филмот да делува како само уште еден ден на Твитер.
Од ликовите кои би требало да симболизираат типични претставници на своите ниши (репортер на Њујорјоркерли њуз, портпаролка на Белата куќа, сопственик на моќна теч корпорација, милениумски „активист“, млада бела мајка-мрчаторка попозната како „Карен“), најсимпатична сепак ни се виде претставничката на тројцата најпросечни жители на Земјата. Сиротата Британка Гема со големи влажни очи, има проблем да ги сфати повеќето прашања и да дофати некаква смисла во целиот наратив на 2020. На крај, веќе асли плачејќи, посакува само да се отворат пабовите и човек да може да се гушне со некого. Па макар тој некој имал и лош здив.
Сите сме ние Гема, нели?
Илина, Букбокс