Дерек ДелГаудио не сака да го нарекуваат магионичар, иако уште како дете опсесивно се занимавал со стандардните трикови, посебно со оние со карти. Всушност, неговиот перформанс In & Of Itself, режиран од славниот Френк Оз, и почнува со карти, само малку поинакви. При влезот во салата, на пано по азбучен ред се закачени 690 картички. Текстот на секоја од нив почнува со изразот „Јас сум...“, после што следат професии (пример „учител“), некоја смешка („драма квин“) или нешто поапстрактно („никој“). Публиката си бира своја картичка, редарката ја кине на половина, и секој си седнува на своето место, заедно со својот самопроектиран идентитет.
ДелГaудио е единствениот изведувач на сцената, на која има шест прозорчиња симболизирајќи ги, меѓу другото, шесте „чинови“ од претставата. Таа комбинира приказни, автобиографски елементи и трикови, кои додуша се употребени спротивно од нивната вообичаена функција - не за да предизвикаат восхит од вештината на раката на магионичарот, туку да посочат дека додека човек гледа во нечии раце внимавајќи да не биде измамен или изненаден, пропушта да ја забележи вистинската манипулација, онаа која нема врска со рацете, туку со умот.
Всушност тоа е точно она што се случува во текот на претставата која прераснува во групна психотерапевтска сесија. „Кој сум јас?“ и за оној кој одбрал лефтерна, и за оној кој одбрал сериозна карта, е подеднакво важно прашање, кое човек најчесто не застанува да го одговори, можеби повеќе плашејќи се не од погрешен, туку од никаков одговор.
Највпечатливи во оваа смисла се три „скеча“ вклопени во главниот наратив на претставата - „Господин Утре“, „Писмо“ и „Ти си...“. Да се раскажат значи да се расипе доживувањето и интензитетот на она што се случува во филмот (а што се веројатно внимателно одбрани најемоционални моменти од над 500-ните изведби на претставата). Дали притоа ќе се фокусирате на реакциите на публиката, или на начинот на кој што ДелГаудио ги постигнува своите „трикови“, зависи од тоа колку и самите сте ранливи и колку имате потреба од една ваква „сеанса“. Но сведоштва на оние кои присуствувале во живо на изведбите кажуваат и нешто поинакво - луѓе што дошле исклучиво со план за раскринкување на методите завршиле со плачење, и покрај свеста дека во сето тоа мора да има некаква манипулација.
„Магионичарот“ во случајов е полничок 35-годишен маж во „советско“ кафено одело, со темни подочници и благо трауматизиран поглед. На моменти неговата изведба делува лигаво, на моменти морничаво. Стандардното прашање на доверба - дали од овој човек би сакале да купите стар автомобил - сега гласи: дали би дозволиле овој човек да ви биде психотерапевт? Политички или верски водач? Пријател? Затоа што освен мета-магионичарска и перформативна вредност, целото шоу не е (толку) за идентитетот, колку за довербата. Наш совет во таа смисла: не гуглајте за филмот пред да го гледате. Ниту пак после него.
Илина, Букбокс