Разликата помеѓу пеколот и рајот, според „По животот“ (во оригинал Вандафуру Раифу или „Прекрасен живот“) на Хироказу Коре-еда, се состои во следното: оние кои од својот животен век можат да издвојат барем еден убав спомен на кој засекогаш ќе се сеќаваат, тие вечноста ќе ја поминат со чувство дека сето тоа вредело, дека нивниот живот имал смисла. Оние другите, кои имаат само лоши спомени, ќе живеат засекогаш во трауми, грижа на совест и каење. Односно, во пекол.
Филмот сепак многу умешно се оградува од секакви религиски и моралистички конотации. „Станицата“ во која се собираат мртвите, во групи кои пристигнуваат еднаш неделно, изгледа како некакво забаталено државно одмаралиште во планина. Во моментот кога се наоѓаме таму студи и паѓа снег, но тоа не е постојано така - црешата во дворот според зборовите на вработените на пролет цвета, а полињата наоколу разеленуваат.
Задачата на „вработените“ не е едноставна - тие низ разговори со умрените треба да дознаат кој е нивниот најскапоцен спомен, а потоа да организираат филмско рекреирање на таа сцена, која ќе биде единственото нешто што умрениот ќе го памти откако ќе замине од станицата, значи засекогаш. Оттаму, изборот треба да биде направен внимателно, а за некои од умрените тоа се покажува како многу тешка задача. Тие не можат да се одлучат, сфаќаат дека нивните животи и не биле баш нешто исполнети со среќа, или се сомневаат во својата меморија. Има и такви кои одбиваат воопшто да го направат изборот. Вработените, кои и не сакајќи стануваат нешто помеѓу терапевти и етнографи, не се откажуваат лесно, иако на располагање имаат само една недела. Во една ситуација тие дури нарачуваат куп видео-касети (филмот е снимен 1998) од целиот живот на еден од нивните кандидати, кои се чуваат во некаква архива, за тој да може да си ги освежи спомените, и конечно да одбере сцена. Има и суптилни наведувања, како кога една девојка наместо да одбере ден поминат во Дизниленд сепак се одлучува за момент со нејзината мајка.
Дел од интервјуата со „мртвите“ делуваат како разговори со обични луѓе, за нивните (не)исполнети желби и преживеани стравови. Иако е тешко да се одреди кој е актер а кој натуршчик, дека помеѓу ликовите има и „обични“ луѓе покажуваат изјавите на режисерот Коре-еда, кој направил стотици интервјуа на оваа тема пред да ја состави целата приказна (и да вклучи некои од соговорниците во филмот). Има тука и млади луѓе, и шармантни бабички, и груби средовечни мажи. Има и бунтовници кои и во задгробниот живот одбиваат да играат според правилата. „Вработените“ се мистерија за себе, а во текот на филмот ни се открива нивната вистинска природа.
Хироказу Коре-еда има и други силни филмови („Каков татко, таков син“, „Крадци“), но овој е истовремено и посебно суптилен, и моќен. Затоа што гледајќи го не можете а да не се видите ставени пред истата дилема - кој е тој еден спомен кој би ја потврдил смислата на моето постоење? Би имало ли други луѓе во сцената, и кои би биле тие? Дали можеби таа би се состоела токму од овој мајски ден, додека сонцето паѓа на расцутениот јоргован, а домашните полека стануваат и тропаат во кујната? Филмот покажува дека најубавите сеќавања се наједноставните моменти на спокој и блискост со драги луѓе. Споменот на нив ја олеснува и помислата на смртта.
Илина, Букбокс