„Подобри денови“ почнува речиси без вовед, среде средношколска гужва од сини униформи, болдирани мотивациски постери кои поттикнуваат дисциплина и трудољубивност, и млади лица кои избезумено се подготвуваат за националниот „Гакао“ испит, клучен за прием на факултет. Атмосферата според напнатоста може да се спореди единствено со масовни затворски сцени, во кои секој се пази од секого, а физичко насилство може да избие во секој момент.
Тоа всушност и се случува во гимназијата на Чен Ниан, само најчесто затскриено од погледите на професорите и надлежните. Три девојчиња предводени од „алфа“ женка ги малтретираат покревките девојчиња, ги понижуваат, снимаат и исмеваат. Ниан е совршена мета, не само затоа што е одлична и мирна ученичка, туку и затоа што практично живее сама. Нејзината мајка се занимава со контра-банда (продава некаква сомнителна козметика) и главно не е дома, криејќи се од лихварите од кои има позајмено пари.
Единствен излез на Ниан од ситуацијата е упис на факултет, но за да го мине испитот мора да се концентрира на учењето - нешто што во дадените околности е речиси невозможно. Случајно се запознава со момче кое добро ја познава улицата, и кое и станува неофицијален телохранител.
Така филмот од драма за врсничко насилство се прелева во романтична приказна, за на крај да заврши како трилер. Сите овие премини не се секогаш суптилни, има тука и премногу непотребни солзења и развлечени сцени. Очигледна е и невидливата рака на само(?) цензурата, бидејќи иако живеат и спијат заедно младите на неколку пати само срамежливо се бакнуваат, наставниот кадар и полицијата се прикажани како заинтересирани и добри (или како крајно самокритични ако се покажале како поинакви), за на крајот на филмот неколку минути, како во партиско соопштение, да слушаме за иницијативите на кинеската влада за подобрување на ситуацијата со насилството по школите. Ова веројатно било потребно за воспоставување рамнотежа со генерално остриот тон на филмот, кој всушност го прави сосема спротивното - со прст покажува на целата заедница, родителите-наставниот кадар-властите, како на виновни за траумите на младите, кои често водат и до самоубиства.
„Подобри денови“, особено поради крајот, делува како да е базиран на вистинска приказна. Всушност станува збор за популарен онлајн роман, под наслов „Неговатa младост, нејзината убавина“. Иако е далеку од заслужен за Оскар, она што го прави интересен барем за западната публика е портретирањето на начинот на живот на голем број млади Кинези, за што многу малку знаеме, како и поради третирањето на врсничкото насилство како тема која е универзална.
Илина, Букбокс