Пред смртта во 2018, Арета Френклин лично ја одбрала Џенифер Хадсон да ја игра во „Почит“ (Respect), новиот биографски филм за „кралицата на соулот“. Веќе докажана и како актерка и како пејачка, со Oскар од „Девојки од соништата“, таа одговарала за портретирање на Френклин и поради нејзината религиозност и личните искуства со тоа да се биде постојано изложен на очите на јавноста.
„Риспект“ почнува кога Арета има 10 години и пее на домашните забави, кои ги организира татко ѝ, свештеникот Френклин, славен по своите жестоки проповеди. Пробивајќи се меѓу гостите, малата Ри, како што ја нарекуваат дома, се поздравува со куп ѕвезди - Дјук Елингтон, Ела Фицџералд, Дајан Вашингтон, Сем Кук. Ри е дете, но пее како 30-годишна, коментираат присутните. За жал нејзиното детство е дополнително скратено кога непознат гостин влегува во нејзината соба нудејќи се да ѝ биде „дечко“. На овој инцидент филмот се навраќа уште неколку пати, токму тука лоцирајќи ги подоцнежните трауми и „демонот“ кој ја гони Арета долго во текот на кариерата. Кога хронолошки скокаме неколку години понапред, таа веќе има не едно, туку две деца. Ова одговара на реалната биографија на Арета која го родила своето прво дете на 12 (!) години, а второто на 15. Таткото или татковците на децата до денес не се познати.
До својата 18-годишна возраст Арета имала направено неколку снимки на свое име. Сепак, клучниот пресврт во нејзината кариера според филмот бил договорот со Колумбија рекордс, потпишан во 1960. Паралелно со музичкиот подем го следиме и приватниот живот на Ри, која често е распната помеѓу лојалноста кон својот доминантен татко и желбата за независност. Одбраните песни не се само музички паузи туку интегрален дел од нарацијата, рефлектирајќи ги премрежјата низ кои таа поминувала, барајќи почит за сопствениот труд и личност. Ова го правела не само преку музиката, туку и со активен ангажман во борбата за права на црното население, рамо до рамо со Мартин Лутер Кинг помладиот.
Необично за филм од ваков жанр, сите песни биле изведувани во живо на самото снимање, што се совпаѓа и со тоа како се снимале плочите во 60-тите. Исто така е интересно што филм од толку висок профил е направен од дебитантка, досегашната театарска режисерка Лизл Томи.
Делува дека Хадсон би можела да биде барем номинирана за уште еден Оскар. Со тоа минимално ќе се приближи до бројните признанија кои Френклин ги добиваше во текот на животот - 18 Греми награди, орден од претседателот Џорџ Буш, постхумен Пулицер. Овој филм ѝ ja oддава заслужената почит.
Илина, Букбокс