Букбокс гледаше

Новиот документарец за Боб Рос не е воопшто идиличен како неговите слики

„Боб Рос: весели грешки, предавство и алчност“ на Нетфликс може да ви го замрачи споменот на човекот со смирувачки глас и вешта четка. Не поради него, туку поради оние кои го опкружувале и експлоатирале, дури и мртов.

Документарецот за славниот ТВ сликар почнува со неговиот подем, од шармантен дечко вработен во воздухопловните сили, до неговата улога на домаќин во „Радоста на сликањето“, ТВ програма која се прикажувала цели 11 години, од 1983-1994, на Пи-би-ес во САД, но и во Канада, Јужна Америка и Европа. Неговиот кадифен глас и хуман пристап кон гледалиштето, кое го следеше не само поради сликањето туку и како некој вид мотивациска терапија, го направија омилен лик на генерации аматери-сликари. Голем број од нив никогаш не помислиле да држат четка во рака, но охрабрени од тоа дека „секој може да биде сликар“ - мантрата на Рос - се наоѓа во ова хоби, а според сведоштва на некои од нив ова им го спасило животот, извлекувајќи ги од апатија и депресија.

Она што е помалку познато е дека Рос инспирацијата за шоуто ја нашол во нешто што визуелно изгледа многу слично - ТВ програма наречена „Магијата на сликањето со масло“, чиј домаќин бил американско-германскиот сликар Бил Александер. Тој користел техника од 16 век наречен „ала прима“ (италијански за „прв обид“), или попозната како „мокро на мокро“, која му овозможувала да создаде слика за 30 минути. Рос се запознал и се спријателил со него, ја совладал техниката и почнал да ја користи за цртање на садови за барање речно злато, чест сувенир на Аљаска каде Рос живеел со години (нешто како нашите украсни чинии, на кои некогаш пишуваше „Поздрав од Врњачка бања“).

Цртањето почнува да му носи приход па тој се пензионира од војската и почнува да држи часови по сликање заедно со Бил. На еден од нив присуствува сликарката Анет Ковалски, која го убедува Рос дека би бил поуспешен сам. Таа, заедно со Рос и неговата сопруга, вложуваат пари во создавање компанија, која најпрвин има проблеми да застане на нозе.

Сето ова се менува кога при едно снимање на рекламно видео продуцент од Пи-би-ес го забележува Рос и го кани на програмата. Во документарецот се појавува и режисерката на шоуто, која тврди дека во снимањето немало никаква измама, дека сликањето течело без прекини и монтажи, единствено што Рос имал претходно направена слика како урнек кој го повторувал (иако понекогаш со варијации). Се проценува дека во текот на животот тој има направено над 30,000 слики, кои денес достигнуваат цена од илјадници долари.

Документарецот се обидува да ѕирне зад она црно платно кое обично стои зад штафелајот, и да го прикаже начинот на кој Анет и нејзиниот сопруг, како и дел од семејството на Рос, практично го изиграле, и до ден денес кешираат милиони долари од производи кои го носат неговото име и лик - бои, шољи, престилки, маици, перики со неговата препознатлива „афро“ фризура. Авторите на филмот имале проблем да најдат соговорници, бидејќи Ковалски биле познати по тоа што се суделе со секој што ќе зуцнел нешто против нив. Ова важи дури и за синот на Рос, кој загубил еден судски случај, и од тогаш живее изолирано и само повремено држи часови по сликање. Како момче, тој често се појавува во епизодите на „Радоста на сликањето“, а татко му гордо го претставува како некој кој уште подобро од него слика планини.

Се стекнува впечаток дека филмот служи повеќе да овозможи барем морална победа на Боб и неговиот син, кога веќе законите не се на нивна страна. Но после него со други уши се слуша она на Рос, „сликам за да создадам свет каков што посакувам - онолку среќен колку што сакам да биде“.

Илина, Букбокс

 

2 септември 2021 - 08:59