Ести (скратено од Ештер, или „ѕвезда“) е 19-годишна хасидска Еврејка, која живее во Вилијамсбург, Њујорк. Во нејзината приказна влегуваме без вовед, во најдраматичниот момент - кога ги зема само најпотребните работи и се качува на авион за Берлин. Деталите ги дознаваме постепено и накнадно, низ сцени пред и по овој настан.
Минисеријата на Нетфликс е адаптација на автобиографијата на Дебора Фелдман, „Неортодоксна: скандалозното одбивање на моите хасидски корени“. Фелдман била дел од хасидската група Сатмар, именувана според нејзиното потекло од Сатмарнемети во Унгарија. По Втората светска војна таа е одново вопоставена во Њујорк, прераснувајќи во едно од најголемите хасидски движења во светот. Помеѓу приказната на Дебора и онаа на Ести има мали разлики, но во основа се работи за истото - обид на млада девојка да го пронајде својот самостоен пат, ослободен од стегите на културата и религијата.
За некој кој никогаш не излегол од Бруклин, патувањето до Берлин е вистински предизвик. Единственото нешто што го има Ести се малку пари од продаден накит, германски пасош којшто го добива благодарение на германското потекло на своите баба и дедо, и едно компасче кое ѝ го подарува нејзината учителка по пијано, која и го овозможува бегството. Земањето часови по пијано воопшто не е вообичаено за хасидските Еврејки, но учителката живее во зграда во сопственост на дедото на Ести, и на овој начин ја плаќа киријата. Тоа, и религиското образование, е всушност сето она што Ести го добива до моментот кога е време да се мажи.
Таа и Јанки се земаат по договор на нивните семејства. Тој е добра прилика за неа, со оглед на тоа што нејзиниот татко е алкохоличар, а мајката е сметана за „отпадничка“, откако ја напуштила заедницата, оставајќи ја својата ќерка со тетката и бабата. Планот на Ести е да замине кај неа во Берлин, иако ќе поминат неколку денови пред тие реално да се сретнат. Во меѓувреме Ести се запознава со група музичари и ја искусува слободата која голем број млади низ светот ја земаат здраво за готово.
Но нејзината заедница не се откажува така лесно. Дознаваат дека е бремена и го испраќаат сопругот и неговиот и-не-така-ортодоксен братучед во Берлин да ја најдат и да ја вратат. Сцените во кои се одвива потерата низ Берлин можеби не се од најуверливите, но сето тоа се покрива со одличната глума на израелската актерка Шира Хас.
Поголемиот дел од серијата е на јидиш, а во неа се содржани бројни сцени преку кои се запознаваме со социјалните односи, правилата и обредите кои владеат во оваа хасидска заедница. На жените по свадбата им се сече косата „на нула“, за потоа да мораат да носат марама или перика. Постојано се под надзор на комшиите и роднините, кои се мешаат и во најинтимните односи на младите брачни сопружници. За ова има и „помошнички“, кои нудат часови по сексуално образование, на пример како да се одбегне болката од половите односи (со вазелин), или како да се „отвориш доле“ (со различни димензии вибратори дилатори). Сето ова е за да се исполни основната функција - продолжување на родот, и надоместување на паднатите жртви од прогоните на Евреите низ светот.
На својот пат за еманципација Ести не е секогаш сигурна што прави, и дали откажувањето од заштитата на оваа заедница навистина вреди. Истото што ѝ се случувало и на Дебора Фелдман кога сакала да ја напушти својата. Сепак, има неколку разлики во нивните приказни. Прво, имињата на главните ликови се променети, за да се одбегне препознавање со реалните. Второ, Фелдман која исто така се омажила на 17 години за човек кого го познавала цели 30 минути, родила син на 19 години додека се уште била во брак, за разлика од Ести која бега додека е уште трудна. Автобиографијата подетално го опишува контекстот на живеењето во Њујорк како хасидска Еврејка, додека серијата се движи стриктно во рамките на неколку семејства.
Најголемата разлика помеѓу серијата и книгата е во хронологијата. Ести на самиот почеток се сели во Берлин, додека патувањето на Фелдман се одвивало постепено од 2006, кога почнала да посетува часови на факултет. Со помош на нејзините колеги и на факултетот, таа го напуштила мажот пред својот 23-ти роденден. Се преселила во Берлин дури по објавувањето на својата втора книга. Таа целиот живот сакала да стане писателка, додека Ести е фасцинирана од музиката, од пијаното и од пеењето кое на хасидските Еврејки им е јавно забрането.
Маана на серијата е што има само четири епизоди, нешто на што не сте подготвени иако таа се води како „минисерија“. Како многу работи да остануваат недоречени, и како слободата како цел да е доволна. Всушност, впечатокот е дека предизвиците за Ести да ја следи својата ѕвезда допрва почнуваат.