„Градот на мртвите“ (Шпанија, 2019) се одвива во густо населен простор - гробишта, кои парадоксално вријат од живот. Мртвите се насекаде, и под земја, но и над неа, во таканаречени „ниши“, дупки во ѕидовите на огромната градба, доволно големи за во себе да сместат мртовечки ковчег или урна. Попристапните локации се и поскапи, а до останатите води цел лавиринт скали и ходници. Некои сосема заборавени и запустени, други „барокно“ сценографски опремени, тие се места на молитви и тивок плач, но и на дискусии за смислата на постоењето, детерминизмот наспроти слободната волја, и (како што вели некој си „Силикон Вале“) лошите прогнози за смртта во пресрет на ерата на бесмртноста. Сето тоа проткаено со очигледно здрава (и жива) смисла за хумор.
Како во некој град од Дивиот запад, каде главните ликови се шерифот, локалниот бербер, кафанџијата и погребникот, и во овој град - градот на мртовци - секој си го знае своето место: Габи е чуварот на гробишата; Хозе е комерцијалистот задолжен за продавање услуги на ужалените; Давид и Серџо се „танатопрактичарите“; Жом и Мохамед се градинарите; Жозе Луис работи во крематориумот; а Мануела и нејзината колешка се чистачките. Ниту еден од нив, барем пред камерата, не се жали на своето работно место, ниту пак покажува видливи знаци на вознемиреност или физичко гадење. Хозе, на пример, е навидум полн емпатија, но истовремено ентузијастичен да продаде и тројца музичари сосе рачно правениот сандак, сосема рамнодушен кон тоа доколку по желба на семејството од постоечкиот модел треба да биде отстранет Исус. Церемонијата и гробното место во најосновната форма чини над 2000 евра, што поттикнува благ извик кај една од муштериките. „Умирањето е скапо“, вели таа, на што нејзиниот син додава - „Чини повеќе да си жив.“
На својот официјален сајт, режисерот Мигуел Еек го објаснува процесот на работа: пред снимањето минал неколку недели придружувајќи ги вработените и правејќи интервјуа со нив, кои не влегле во конечниот филм, но служеле за тој да се внесе во нивната работа и во атмосферата на местото. Најпрвин тоа му предизвикувало мачнина, но во текот на снимањето доживеал „ненадејно смирение“, здобивајќи се со неочекувана храброст во врска со сопствената смрт.
За оние кои ќе успеат да го одгледаат филмот до крај, ваквиот ефект е речиси неминовен. А и како не би бил, кога среде целата траурност и мачност на темата ќе се фатите како гласно се смеете, на пример на завршницата на монологот на градинарот Мохамед, кога објаснува за тоа како душата влегува во човекот и како потоа ја напушта. „А сето ова што ми го кажуваш“, го прашува колегата, „го знаеш од џамијата, од зборувањето со имамот?“. „Не бе, сè си има на Јутјуб“, му одговара овој експертски, докрајчувајќи го јаболкото пред да продолжи да го одржува редот - живата ограда и тревниците - во градот на мртовците.
Филмот е на програмата на Македокс денес, 26.08 во 21 часот во Куршумли ан.