30 октомври 2015. Во популарниот букурешки ноќен клуб Колектив настапува метал бенд „Збогум на гравтацијата“. Во момент кога се пеат стиховите „да ви е*ам злобната корупција“ и почнува да прскаат жижиците од пиротехниката, искрите го зафаќаат таванот. „Ова не е дел од нашиот настап“, вели вокалот на бендот. Некој од публиката го снима сето тоа - набргу се случува паника, чадот ја зафаќа салата. Нема посебни излези за пожар, ниту било какво обезбедување. Се слушаат вресоци. Потоа екранот се затемнува.
Таа вечер на лице место починале 27 млади луѓе, а голем број се здобиле со тешки изгореници и други повреди. Сите биле згрижени во болници во Букурешт, иако родителите на некои од нив инсистирале тие да бидат пратени во странство, каде има подобри услови за третман на тешки случаи. Во текот на следните неколку месеци во болница починале 37 од нив. Но не од изгорениците, туку од бактериски инфекции.
Изјавите на властите чија аудио монтажа ја слушаме на почетокот од филмот звучат како од дистописки филм. „Сите медицински потреби на пациентите се задоволени“. „Тука ги имаме истите услови како и во Германија“. Лаги, и уште лаги, чија цена се животи кои згаснуваат во ужасни маки, пред очите на медицинскиот персонал кој не може да стори ништо, затоа што ги нема потребните средства. А како што ќе се покаже, и оние со кои располага всушност не се за лечење, туку за убивање.
Режисерот Александар Нанау во овој филм ја раскажува приказната за разоткривањето на сите лаги, манипулации, полу-вистини и ужасни невистини позади овој случај, кој бил само иницијална каписла за разоткривање на многу подлабока и пораширена инфекција, во ткивото на романското здравство и воопшто во неговото општество. Оттаму, насловот - заедница, колектив - станува ироничен и горчлив. Затоа што тука секој си го гледа само својот интерес, без оглед колку колективни жртви подразбира тоа. Всушност, како што вели една од соговорничките, докторка која споделува снимка на која црви го јадат ткивото на пациент кој е очигледно оставен да скапе со изгореници, ова е момент на сознание дека нејзините колеги ја загубиле човечноста, и дека веќе не постои „колектив“.
Уште една иронија е што разоткривањето на случајот го прави новинарот Каталин Толонта, уредник на - спортски весник! Тој и неговиот мал но храбар тим го истражуваат она што требало многу одамна да го истражат соодветните државни органи - дали дезинфициенсите кои се користат во болниците се исправни? Од каде се набавуваат? Како тоа име на една фирма добавувач се повторува во стотина болници низ земјата? Кој со кого е поврзан, и колку длабоко оди оваа шема?
Одговорите на сите овие прашања оставаат без здив. „Па дали е можно?“ - вели новопоставениот министер за здравство, откако поради масовните протести е сменет и стариот министер и целата влада. Тој е дел од новата постава која има едногодишен мандат да ја расплетка приказната за тоа што тргнало наопаку. Човекот навистина покажува голема желба и човечност во своите напори. Камерата го следи на прес конференции, зад затворени врати, во разговори со неговите соработници. И покрај сè, епилогот е далеку од триумфален. „Па дали е можно?“ - си велите самите, свесни дека ова не е нешто што можело да се случи само во Романија, патем членка на фамозната Европска Унија. „Колектив“ е критика, но и остро предупредување, дека без заедница која се грижи за другиот како за близок, е осудена на бавна и болна смрт.
Илина, Букбокс