Режисерот Томас Балме го паметиме по два негови филма. „Бебиња“ од 2010 во кој тој прикажа животи на четири преслатки новороденчиња од различни страни на светот во тек на првата година од нивните животи. Во 2013, пак, го сними „Среќа“, за брзиот развој на Бутан следен низ очите на Пејангки, 8-годишно дете кое сака да стане будистички монах. Насловот е асоцијација на тоа што оваа земја со години е рангирана како најсреќна во Азија и една од најсреќните во светот.
„Испеј ми песна“, кој ќе се прикажува на Македокс, е продолжување на истата приказна, десет години подоцна. За оној кој не го гледал „Среќа“ скокот од приказната во првите дваесетина минути, од пред десет години и денес, е по малку збунувачки, особено затоа што кадрите естетски изгледаат многу слично и е тешко да се направи разлика помеѓу старото и новото. Но таа разлика е очигледна кога по телопот „десет години подоцна“ од благословен монашки сон ќе нè разбуди рингтон од мобилен. Ефектот на само еден звук среде изолираниот планински пејзаж е доволен да ни направи ментална збунка, како да сме виделе мариовски овчар со VR опрема сред ливада. Сепак, режисерот одлучува да не биде суптилен, и во текот на филмот на повеќе пати да настапи со прекумерно дидактички „in your face" пристап, за тоа како животот на детето, сега веќе момче, се менува поради еден навидум банален факт - тоа што во неговото хималајско село Лаја десет години претходно е поставена бандера за струја, а кралот на Бутан дозволува воведување телевизија и интернет.
Последиците од ова, барем според начинот на кој тие се прикажани во филмот, се поразувачки. Младите монаси не ги испуштаат мобилните од рака, скролајќи по социјални мрежи или играјќи пињау-пињау игрици, дури и кога се молат. И повторно ефект низ контрасти - стиховите на мантрата која ги повикува натприродните сили да дарат спокој и знаење, и испразноста на ц’цкањето на мобилен. Она што зачудува е што надредените во манастирот не преземаат некакви ригорозни мерки, не им ги одземаат мобилните на момчињата, задржувајќи се на „не е убаво така“. Или овие монаси се навистина сократовски настроени, или се уште не се сосема информирани за она што се случува во главите на нивните пулени.
А она што се случува го носи Пејангки во главниот град за да се сретне со девојката со која муабети на мрежа наречена ВиЧет, а која е прикажана како прилично пресметана самохрана мајка, која си го бара чарето. Идејата дека би можела да се омажи за помладо момче кое заработува од берење и продажба на скапоцени печурки (со што повремено се бави Пејангки со неговата сестра) на почетокот делува подобро отколку оставање на детето и заминување на печалба далеку од Бутан.
Би било интересно по десет години да видиме уште еден документарец за нашиот лик и за оваа земја која во романтичните и ескапистички настроените умови е меѓу последните оази недопрена од долгата рака на глобализацијата. „Нема таква оаза!“ - не вели, туку се дере Балме, како на „Крик“ од Мунк. Препорачуваме гледање на филмот со припадници на младите генерации во семејството, кои иако и самите со саати седат на компјутер во текот на гледањето можат да ги загубат нервите и исто така да крикнат кога на екранот ќе видат играчница полна со млади во монашки одори - „Добро, дали се овие нормални?“
Целата програма на Македокс по денови тука. „Испеј ми песна“ е закажан за 26ти август во 20.30 во дворот на Кинотека.
Илина, Букбокс