Амандус, дедото на 11-годишната Тилда, е болен од Алцхајмер, и тоа станува јасно кога тој на погребот на жена му држи неповрзан говор, во кој неа ја меша со мајка му. Откако сфаќаат што се случува, таткото на Тилда (син на Амандус) и неговата жена го прибираат дедото кај нив дома.
Но и покрај воодушевувањето на Тилда која просто го обожува деда си, неговиот престој во инаку преубавата и пребогата куќа на Розенбахови создава куп проблеми, кои особено ја нервираат мајката. Откако најпрвин ја сече зелената ограда на само 10 сантиметри висина (а не, како што му е кажано, да исече 10 сантиметри од неа), па речиси предизвикува пожар печејќи некакво колаче, на крај стариот ја уништува традиционалната забава на семејството, предвреме активирајќи го огнометот.
Во сиот тој хаос и караници, Тилда решава да тргне на пат со дедо ѝ до Венеција, за на тој начин да му ги врати спомените, на времето кога таму ја запросил баба ѝ. По редица авантури тие стигнуваат на целта. Но дедото, седнат на клупа на Лидо, за разлика од сонцето кое штотуку изгрева веќе е на залез, и воопшто не знае што бараат таму. Љубовта и пожртвуваноста на внуката кон него сепак е одлична лекција за целото семејство, кое после тоа е многу повнимателно кон него, до моментот кога тој тивко си умира. Во ковчегот му ставаат тегла мед, бидејќи тој својата сенилност постојано ја опишуваше како „чувството на глава полна леплива смеса“.
Филмот има ред маани, од пребрзата монтажа на дијалозите од која може да ви се замати умот, преку преглумувањето на некои од актерите (на пример мајката), па до претенциозноста на некои од сцените (колку пензионирани ветеринари, па макар и во Германија, би имале 1800 евра на картичка за да платат за хотелска соба во луксузен хотел во Венеција?). На места има и необично мрсен хумор ко за семеен филм. Сепак сето ова паѓа во сенка на симпатичноста и топлината на приказната, која на моменти е комична а на моменти тажна.
Не можам да се сетам на многу филмови на оваа тема, а прашање и дали воопшто има таков во кој сенилните старци не се претставени ниту како „плашила“, ниту како предмет на потсмев. Дедото и внуката, староста и детството, во овој градат свој свет во кој едниот не може да ги привика натрупаните мемории, а другиот се уште немал време да ги создаде. Така тие се на исто, крајот и почетокот се спојуваат во животен круг. Пораката на филмот оттаму е - уживајте во она помеѓу, со оние кои ги сакате, дур ги има.