„Рендгентска слика на едно семејство“ почнува со необична, црно-бела фотографија. На неа преубава невеста, со катран црна коса, а тен и фустан бели како снег, како со бидермаер седи крај исто таков, црно-бел портрет на млад маж. Тоа е нејзиниот сопруг, а нивната „свадба“ е на далечина, затоа што таа е во Иран, а тој во Швајцарија.
Петтиот филм на режисерката Фирузе Косровани е истовремено и биографски и автобиографски - тој ги портретира нејзините родители, но ја нуди и перспективата на ќерката, кој е истовремено мост помеѓу нивните два света, но е симболичен и за длабокиот јаз кој стои помеѓу нив.
Младиот Хосен, таткото на Фирузе, студирал радиологија во Швајцарија, зборувал течно француски и живеел онака како што живееле повеќето западно-европејци во 1950-тите. Имал истенчен вкус за уметност, слушал класична музика и сликал. Филмот не објаснува како воопшто дошол во ситуација да студира во странство, и какво било семејството на неговите родители. Кога еднаш доаѓа дома да ги посети, ја запознава Таји и се вљубува на прв поглед. Следи необичната церемонија со отсутниот младоженец кој поради обврските не може да допатува на сопствената свадба, по што младата треба да замине во Швајцарија.
Пред да го стори тоа, загрижена му пишува на големиот ајатолах Хови, еден од највлијателните духовни водачи во шиитскиот ислам. Дали смее да патува во неисламски земји? Дали е проблем ако се моли во домот на сопругот кој не е верник? Што е со начинот на исхрана и носењето хиџаб во туѓа земја? Ајатолахот ѝ одговара со писмо кое таа го чува и денес, дека сè ќе биде во ред, само ако се придржува на двете основни правила - да излегува покриена и да не јаде храна која не е „халал“.
Иако делува едноставно, проблемите во бракот почнуваат веднаш по слетувањето на авионот од Техеран во Женева. Таји е соблазнета од прекусите здолништа на Европејките, од тоа што насекаде се слуша гласна музика и се игра, од тоа што набргу мажот ѝ бара таа да ја симне марамата. Таа неволно прифаќа, сметајќи на ветувањето дека набргу би се вратиле во Иран. Но ветувањето е прекршено, и таа останува во Швајцарија подолго од планираното - до бременоста. Тогаш, молејќи да биде крај блиските при породувањето, двајцата се селат назад, останувајќи во Иран засекогаш.
Ситуацијата со текот на времето се менува за 180 степени. Сега Хосеин е оној кој седи дома и затворен во соба слуша класична музика (наскоро и само на слушалки), а неговата сопруга, конечно на своја територија, ги презема работите во свои раце. Почнува да посетува верски предавања, ја враќа шамијата и станува една од најагилните поддржувачи на Иранската револуција. Нивните светови повторно се разделени, а тоа најмногу го чувствува ќерката, растргната помеѓу амбицијата на таткото да свири пијано или да зборува француски, и инсистирањето на мајката да биде воспитана во исламски дух.
Така, приказната на ова семејство станува симболична за односот Исток-Запад, но и за промените кои во самиот Иран се случуваат кон крајот на 1970-тите. Кога почнува иранско-ирачката војна, Таја одбива да замине назад во Швајцарија, велејќи дека се чувствува корисна за каузата. Таа е и дел од женските армиски сили, кои се обучуваат за вооружена војна, а истовремено станува и директорка на училиште. „Таа имаше повеќе ќерки од само една - и можеби и повеќе ги сакаше“, вели Фирузе во една сцена, иако нејзините лични чувства низ филмот се пренесени многу деликатно, без оправдувања или обвинувања на некоја од страните.
Филмот е составен од архивски снимки на местата за коишто станува збор во приказната (Швајцарија во шеесетите, Иран во седумдесетите), стари писма и 140 фотографии од семејниот албум. На моменти има и замислен дијалог помеѓу ликовите, толкуван од актери. А минувањето на времето и различните околности во домот во Техеран е убаво визуелизирано преку изглед на дневната и спалната соба од станот, само со промена на сценографијата. Дури на крајот ја гледаме вистинската Таји, која се уште е посветена на читање на Куранот, а на чија редггентска снимка се уште се видливи старите повреди од скијање во на швајцарските Алпи. Тоа прекршување станува симболично за прекршувањето на судбината кој го подразбирал тој допир помеѓу различните светови. Нејзиниот сопруг починал 13 години претходно, откако неколку денови само седел во фотеља слушајќи го Бах, гледајќи во една точка.
Филмот ќе се прикаже на Македокс во вторник, 24.08 во 23 часот. Целата програма тука
Илина, Букбокс