Април 1945. На пристаништето во Малме, Шведска, пристигнува брод полн жени. Слабички, измачени, со по некој зембиљ во рака, но со насмевка на лицето, тие се пресреќни што го преживеале најголемиот кошмар на своите животи и на тукушто завршената светска војна - нацистичките логори. Забавената и рестарвирана снимка овозможува подобро загледување во нивните ликови. Една физиономија на црно-белата снимка се издвојува од останатите, азиско лице на жена чии црти повеќе потсетуваат на маж, со енигматичен поглед, директно вперен во камерата. Тоа е Надин Ванг, ќерка на кинескиот амбасадор во Шпанија, заробена од нацистите затоа што самостојно им помагала на луѓе да избегаат преку Пиринеите.
Шведскиот режисер Магнус Гертен немал проблем да ја идентификува Надин, бидејќи тогашните весници известиле за нејзиното пристигнување, но поминале години пред тој да собере повеќе информации за тоа што се случило со неа по војната. Најважните ги добил во текот на прикажувањето на неговиот претходен документарец на слична тема, „Секој лик има име“ во Париз во 2016. Тогаш тој бил контактиран од француски пар, Силви и Кристијан, кои забележале дека филмот содржи слики од Надин, долгогодишна пријателка на бабата на Силви, Нели. Славна оперска пејачка, Нели Мусе-Вос била активен член на движењето на отпорот, уапсена крај споменикот на Молиер во Париз во 1943 и однесена во логорот Равенсбрук. Таму, на Божик 1944, додека пеела популарни верски песни за француски затворенички, една од нив побарала арија од „Мадам Батерфлај“. Така започнало пријателството со Надин, со која по војната заминале за Венецуела и останале заедно до крајот на животот.
Тоа е отприлика се’ што знае Силви, која како девојка имала одличен однос со баба и’, и често ги посетувала Нели и Надин. Она што таа не го знае, а го открива во текот на снимањето на филмот, е дека тие не биле само пријателки туку и страсни љубовници. Извор на овие информации е еден сандак кој таа со децении го чува на таванот, а содржи ракописи, фотографии и „супер-8“ филмови кои ги добила по смртта на баба и’, но никогаш до сега не го отворила. Меѓу другото, тука има и дневник кој таа го водела во логорот, таму пишуван на мали ливчиња со молив, а потоа пречукуван на машина. Извадоците од него се истовремено ужасни, со оглед на тоа низ што се’ поминувале затвореничките, но и прекрасни поради крајно емотивните описи на врската со Надин која станала главната движечка сила на Нели да преживее.
Низ филмот дознаваме повеќе за минатото на двете жени, особено за Надин, која во 1930-тите била член на парискиот книжевен салон на Натали Клифорд Барни, американска писателка која цели 60 години, секој петок, околу себе собирала писатели и уметници од целиот свет, особено промовирајќи го „женското“ писмо. Формирала „Женска академија“ како одговор на целосно машката Француска академија на науки и уметности. Била отворено геј, се спротивставувала на моногамијата и имала голем број врски со поетеси, сликарки и куртизани. Нели пак пред војната била мажена со две ќерки (една од нив е мајката на Силви), кои кога била уапсена морале да останат во Белгија кај роднини. И таа водела богат социјален живот, оставајќи зад себе голем број плочи на кои се слуша нејзиниот брилијантен сопран.
„Нели и Надин“ е внимателно истражен, со целосна почит кон приказната на своите ликови, но и естетски убав филм. „Не сакам да правам филм само затоа што темата е важна. Сакам тој на крај да биде хуманистички манифест“, вели режисерот. Точно она што и го постигнува.
Илина, Букбокс
Филмот беше прикажан на овогодинешниот „Македокс“ на 20.08