Цели 22 години Фикрет е директор на Зоолошката градина во Анкара, на која ѝ се заканува приватизација и целосно затворање. Кафезите со животни набргу ќе бидат заменети со луна-парк атракции кои се позабавни отколку некакви живи слонови и алигатори. Новите сопственици се саудиски шеици, нестрпливи да почнат со изградбата и правење профит, да ја тријат Аладиновата магична ламба, што е и име на паркот. Единствена пречка за нивните амбиции е едно скапоцено животно - анадолски тигар, редок примерок од загрозен вид прогласен за турско национално богатство. За зоолошката да може да се реконструира тој најпрвин треба да биде преселен во друга. Но бирократските процедури се долги, а тоа навидум му дава можност на Фикрет да смисли некаков план.
Сепак, тоа не е единствената мака што тој ја има во моментот. Разведен е, осамен, на работ на староста. Пријателите од неговата генерација почнуваат да умираат. Се чувствува точно како леопардот, кој нема апетит и волја за живот, несвесен за тоа дека претставува некакво „богатство“, бидејќи никој не го ни третира така. На неговата кожа се појавуваат отворени рани, најава дека нема да живее уште долго.
Кога Фикрет после долг монолог пред кафезот среде студ и снег сфаќа дека леопардот е мртов, планот се наметнува сам по себе - тој го фрла неговото тело во блиското мочуриште, и остава целиот случај да биде толкуван како киднапирање. Ова значи дополнително добиено време, бидејќи додека се чека разрешувањето на случајот продажбата е закочена. Единствена што го сфаќа целиот план и станува негов соучесник е неговата секретарка, младата и убава Гамзе, која изгледа исто така повеќе сака животни од луѓе. Кога е со неа, Фикрет излегува од бастеркитоновскиот кататоничен филм и покажува макар и воздржана емоција.
Иако ова е светла точка на која гледачот лесно се навлекува, дури ни таа не ја нуди потребната катарза. Всушност, таа целосно изостанува, што го прави крајот антиклимактичен, незадоволителен за оној кој го издржал на моменти пребавното дејство. Сепак, судбината на ретките нешта, без оглед дали се тоа животни или луѓе, разбирлива и за наши околности, го прави дебитантскиот филм на Емре Кајиш вреден за гледање.
Филмот е на програмата на тековниот фестивал Киненова во вторник, 11.10 во 20.30 во Кинотека.
Илина, Букбокс