Што ако во моментов на екранот се појави вашиот лик кој ќе ви се обрати две минути од иднината? Дали и како би ја искористиле оваа предност на толку краток увид во она што ќе биде и како тоа би влијаело врз понатамошниот причинско-последичен синџир? Дали би можеле да се ослободите откако тој еднаш ќе ве врзе?
Филмот „Вон бесконечните две минути“ e снимен во тек на само седум дена во бар во Кјото кој бил слободен само од шест попладне до шест сабајле. Екипата и актерите биле постојано уморни, а и режисерот едвај стоел на нозе, особено затоа што ова му бил дебитантски филм полн со технички предизвици кои произлегуваат и од снимањето во еден „тејк“, и од самата тема на филмот чие траење е нешто над еден час.
Като е музичар-аматер кој на самиот почеток открива дека оној што му се обраќа од компјутерскиот монитор е самиот тој, но лоциран две минути во иднината и во кафичот под неговиот стан. Како во театарска претстава во која се случува ефект на снежна топка (едно нешто води кон покомплицирано друго), така и тука Като и пријателите создаваат „временска телевизија“ со тоа што ги поставуваат, еден наспроти друг, мониторот „минато“ и мониторот „иднина“. Така се случува „ефект на Дросте“ - слика во слика во слика (види тука, „Што е тоа наративна кинеска кутија?“) кој ги мултиплицира двете минути во четири, шест, осум...Всушност и оригиналниот назив на филмот на јапонски е „Ние на крајот од Дросте“. Чувството дека гледате претстава не е случајно, бидејќи актерите реално се членови на театарска трупа. Филмот е пример за „нагамаваши“, микрожанр на нискобуџетни јапонски филмови во еден кадар, кои станаа популарни после успехот на зомби-хорор-комедијата од 2017, „Еден рез за мртвите“ (види Букбокс осврт тука).
Ова е дебитанско дело на режисерот Јамагучи, кој како своја најголема инспирација го наведува „Назад во иднината“, но и еднокадарниот „Јаже“ на Хичкок. Премиерата се случила пред 12 души во „Толивуд“, мало кино во Токио. Но од тогаш филмот за „гличот“ во простор-времето создаден од квантно разгранување, стана популарен особено во н'рдовски кругови. Единствено што може да му се замери е што сценаристички не е искористен сиот потенцијал на средбата помеѓу минатото, сегашноста и иднината, со поинтересни заплети кои уште појасно би ја нагласиле филозофската димензија, без да се загуби од комедијата и забавата. Баш би сакале да видиме таква претстава, во која некој неколкуте минути би ги искористил за нешто повеќе од само правење пари.
Илина, Букбокс