Приказната за оваа приказна е следна: ни препорачаа мексикански филм, „Совршена диктатура“, политичка сатира од 2014. Во него се прикажани начините на кои медиумите (и мексиканските, и сите) се обидуваат (и успеваат) да забошотат политички скандал со лажни стории чија цел е отргнување на јавното внимание. Што е одговорот ако висок политичар е фатен на камера како прима мито од нарко-картел? Па нормално - реално грабнување на две сестри-близначки и помпезно следење на целата сторија во живо. За на крај спасителот да е токму спомнатиот политичар, кој потоа е номиниран за претседателски кандидат!
Во филмот применетата медиумска стратегија се нарекува „кинеска кутија“ - пакување на приказна во приказна, за на крај оној на кого му се сервира веќе да не може да препознае каде е нејзиниот почеток, а каде е крајот. Ова е направено во иронична смисла, бидејќи некои од најголемите дела на светската книжевност ја користат истата техника на „вгнездени“ нарации, а примери кои најчесто се спомнуваат во оваа смисла се „Франкештајн“ на Мери Шели, „Хамлет“ на Шекспир (каде театарска трупа изведува верзија на истата претстава), или „Срцето на темнината“ од Џозеф Конрад.
Но истата техника се среќава и во визуелните уметности, кога внатре одредено дело се поставува копија на истото, често на начин кој сугерира бесконечна низа. Позната како mise en abîme (буквално: ставено во амбис, во хералдиката - ставено во центарот на грбот) техниката претставува визуелно искуство на стоење помеѓу две огледала. Иако примери за истото може да се најдат уште од средниот век, еден од најпознатите примери е „Дворски дами“ (Las meninas) на Диего Веласкез од 1656 и огледалните графики на М.К.Ешер.
Сличен ефект но на полето на дизајнот се нарекува „ефектот на Дросте“, именуван според холандски бренд на какао. Сликата на кутијата била направена од Јан Мисет во 1904, а на неа болничарка носи послужавник со шоља топло чоколадо и кутија на која го има истиот дизајн. Истата финта подоцна е користена и на други производи, како на вид путер, на кој домородна северно-Американка по име Mиа ја држи кутијата насликана во 1928 од Артур Хенсон.