За отворањето на овогодинешниот Кански фестивал беше одбран жанровски необичен филм, кој сепак најмногу внимание привлече со својот наслов. Француската хорор-комедија „З“ (“Z (Comme Z)“), по реакциите на Украина која во него виде промоција на про-воениот симбол на руската инвазија, потоа беше преименувана во „Последниот рез“, иако режисерот се обиде да објасни дека з-то е од „зомби“, плус дека „З“ жанр во фрaнцуското говорно подрачје е она што за Американците е „Б-продукција“.
Но дел од гледачите повеќе ги интересираше фактот дека тој е римејк на јапонскиот филм „Еден рез за мртвите“ (One Cut of the Dead) од 2017, направен со само 25.000 долари, со непознати актери, кој се прикажувал само шест дена во „арт“ кино во Јапонија со 84 седишта, а кој влезе во историјата со тоа што заработи над илјада пати повеќе од иницијалниот буџет. Сето ова откако бил прикажан на Далекуисточниот филмски фестивал во Удине, еден од најзначајните настани на кој се промовираат азиски филмови во Европа. Неговиот оригинален наслов е „Kamera o Tomeru na!“ што значи „Не ја гасете камерата“, а алудира на тоа дека делови од него се снимани во еден кадар.
Токму тој прв, немонтиран кадар од триесет и кусур минути е и најголемиот предизвик за трпението на гледачот кој во случајов додуша беше информиран „да го издржи почетокот“. Во напуштен погон за филтрација на вода, каде според легендите знаат да се повампират мртви ако насетат крв, во хаотична атмосфера се снима хорор-филм кој тргнува наопаку. Тој треба да симулира напад на зомбиња, но практично станува документарец, откако дел од екипата се „заразува“ и почнува да ги напаѓа колегите. Рачните камери се тресат, се слушаат врисоци, играат секири, крв прска на сите страни а на подот се тркалаат откинати глави и екстремитети. Токму кога помислувате дека, и покрај советот, сепак нема да издржите, следи „кат“.
Вратени сме еден месец порано, за време на подготовките за филмот, кој всушност треба да биде ТВ шоу кое ќе се пренесува во живо. Секоја сцена која веќе ја гледавме сега е прикажана од поширок агол, сосе она што се одвива зад камерите. Полека станува јасно дека ова не е филм од жанрот хорор, туку филм за процесот на снимање филм. Режисерот го игра режисерот, актерите играат актери, сето тоа во невозможни околности во кои снимањето не смее да престане, колку и да се застранило од сценариото. Начинот на кој екипата импровизира е пресмешен, а како контрапункт на сета крв, мачење и убивање во тимот владее солидарност и крајна пожртвуваност. На крај, буквално стоејќи во човечка пирамида, нивниот проект е успешен.
Велат дека францускиот римејк верно го следи јапонскиот оригинал. Ако е така, зомби комедија на јапонски само по себе звучи многу поатрактивно. Особено сега, кога знаете дека првиот половина час нема да биде залудно потрошено време.
Илина, Букбокс